4 работи кои ниту една мајка не сака да ги слушне после породувањето со царски рез
Мајчинството е можеби најубавата работа која може да ѝ се случи на една жена. Но, на овој прекрасен момент му претходи породувањето, што секако не е песна за секоја родилка.
Понекогаш работите не одат онака како што сме си замислиле или испланирале, па сосема вообичаено е природното породување да се замени со т.н. царски рез.
Но, она што претставува сосема нормален процес, од страна на многумина се доживува со поинакви очи.
И кога мајката е кревка и нежна, кога е преуморнa и истрауматизирана, ова се 4 работи кои никогаш не би сакала да ги слушне после породувањето со царски рез:
„Барем вагината не ти е чепната“
Која е поентата некому да се каже дека вагината ти е во добра состојба по породувањето? Ако сметате дека ова е некаква утешна награда, преиспитајте си ги коментарите.
Патем, ретко која жена би ја одбрала оваа „награда“ како утеха наместо природното породување.
Но, дури и да ја одбрала, тоа е нејзино тело, нејзин избор, а вашата работа е едноставна – да не коментирате.
„Си можела да се породиш природно“
А од каде знаете како можела или не можела да се породи мајката? Дали бевте со неа во салата за породување? Дали сте доктор, акушер или какво било специјализирано лице?
Особено се интересни оние мајки кои успеале да „истуркаат“ 2 деца природно и со тоа се фалат насекаде, небаре е некој особен успех или се поголеми мајки од останатите.
Не сте. И тоа е вистината.
„Следниот пат ќе може да се породиш природно“
Уште една невистина и безумен коментар кој веројатно ќе ја доведе новопечената мајка до лудило. Која е логиката и гаранцијата дека по првичното породување со царски рез, следното може да биде природно?
И што ако, впрочем, самата мајка одбива да се породи природно? Дали како жени ни е дозволено да ја линчуваме поради нејзината одлука?
„Си поминала полесно“
Навистина духовито. Или саркастично, не можеме да се одлучиме. Факт е дека родилките со царски рез закрепнуваат потешко и им е потребно повеќе време да се стабилизираат.
Самото породување со царски рез најчесто и носи повеќе здравствени компликации. Но, што е најважното? Најважното е мајката и детето да се здрави и среќни. Не е важно како детето дошло на свет, важно е што е тука.
За крај мајки, да се чуваме, почитуваме и штитиме едни со други, наместо постојано да се напаѓаме. Бидејќи ако ние не го правиме тоа за сопствениот пол, верувајте дека другиот го прави тоа уште помалку.
(О)Милена | Црнобело