Имате ли деца чии идоли им се сомнителни турбо ѕвезди - може да се прогласите за неуспех од родители

Деновиве проструија слики низ интернетов од огромна толпа дечиња во еден од најголемите трговски центри во главниот град во исчекување на две ѕвезди од соседството.

Vi-slusaat-decata-turbo-folk-moze-da-se-proglasite-za-neuspeh-01.jpg

Колку и да ве радува сликата на дечиња кои се собрале со една заедничка цел, поразува фактот за кого и за што се собрале.

Не можев да сфатам кои се „ѕвездите“ па морав малку да ги истражам на интернет. Зачудувачки е колку многу бизарни информации се пласираат за вакви ликови.

Пејачката е позната по бројот на килограми кои варираат, а раперот е нејзин поранешен сопруг со кого имаат дете, но останале во пријателски односи, па еве, тука се и во нашата мила државичка да нè почестат со квалитетен настап.

Ќе пронајдете и колку алиментација ѝ плаќа раперот на поранешната сопруга, во чиј стан останала да живее по разводот, должината на неговите суканици, неносењето долна облека кај пејачката во проѕирните фустани… просто сите информации без кои не можете да си го замислите вашиот живот.

Настапот им е закажан во една од најголемите сали и не – нема да се откаже поради технички проблеми (во превод – поради недоволен број на продадени карти).

Судејќи според толпата дечиња кои ги пречекале на запознавањето, не е никакво чудо да закажат и втор концерт.

Еве веднаш, без заобиколување на вистината и нејзино зашеќерување – да е моето дете таму со телефонот во таа толпа која се бутка да се слика и да ги запознае големиве ѕвезди, веднаш треба да ми се одземе епитетот родител.

Затоа што јас сум неродител. Неуспех од родител, кога такви ликови му се идоли на моето дете.

Но, од каде доаѓа потребата таквите пропалитети да се репер за успех, да им се воодушевуваме и угледуваме?

Повторно, од родителите. Некој треба да им се воодушевува ним, па детето да научи нешто за идолите, восхитувањето и кому ќе му го посвети своето внимание.

Дали сериозно не чувствувате вина кога предметот на восхит кај вашите деца се некои квази турбо-фолк ѕвезди од соседството?

Мене искрено ми збоктисува кога гледам како мали дечиња пеат турбо фолк. Не ми се слатки, не ми се симпатични. Се чувствувам неудобно и не знам како да реагирам. Не ми доаѓа да ги наградам со аплауз или да ги гушнам како кога рецитираат некоја песничка или пеат некоја убава нормална песна.

При сета убава музика на светот, зошто би ги труеле со турбо фолкот на сомнителни криминални ликови со 5 грама мозок?

„За забава е, хехе. Многу ги сфаќате сериозно работите“.

Да, ги сфаќаме. Затоа што така се задојува лошиот вкус и погрешните вредности кои водат кон дефектите на општеството.

Кога последен пат сте го однеле вашето дете во кино на добар филм, на театарска претстава? Зачленето ли е во библиотека, сака ли да чита книги? Му всадува ли некој навики за убави работи, за цртање, за танц и пеење, за убава квалитетна музика?

Или нус-ефектите на вашето секојдневно труење со турски серии и турбо-фолк се децата и нивната заразеност со истите.

Велат дека лошиот вкус владее таму каде што царува сиромаштијата. Кај нас значи цвета.

Но, дали тоа е причина целосно да кренеме раце од децата, од нашите идни генерации и обликувачи на општеството и да ги препуштиме на кич, шунд и неквалитет?

Велат дека кој пее - зло не мисли. Кој ги пее ваквите рефрени - воопшто и не мисли. 

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Тешко е да живеете во брак кај што сте повеќе мајка отколку сопруга На жената ѝ треба алфа мажјак. Не ѝ треба маж кого ќе го влече наоколу како дете...
6 реални приказни од луѓе чии роднини со своето однесување им одат на нерви „Имам 17 години, а сестра ми 28 и мали деца, па кога и да дојдат на гости, остав...
7 работи што ги правам со моето дете, иако сите ме советуваа спротивно Ја земам во раце и ја прегрнувам кога плаче, иако велат дека не треба, бидејќи ќ...
„Не сакав да имам дете во 20-тите години и да си го сменам животот од корен, станав родител подоцна“ „Луѓето претпоставуваат дека се каам што станав родител на подоцнежни години, но...
Kако да се справите со несаканите совети за децата, низ илустрации Како да реагирате на родителите што постојано се фалат со успесите на нивните де...
Низ илустрации: Како се менува животот на жените откако ќе станат мајки? Наместо фотки од миленикот, пријателите и патувањата, во галеријата на телефонот...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg