Мајки покондирени тикви доста одгледувате неподносливи деца од златен кафез
Нивните деца се принцези и принцови, единствени, најдобри, најпаметни, најубави… Да, да, така е!
Седам во холот на едно приватно училиште во Скопје, за миг пријатно изненадена од сите тие инспиративни бои за децата и сите презентирани групни активности на паноа... Во мигот додека размислував кое училиште може најдобро да лансира дете во успешен професионалец, дали државно, дали приватно и дојдов до заклучокот дека апсолутно сѐ зависи само од детето и успешните ќе бидат успешни во која било околина, пред очите ми се исцрта уште еден фактор, важен, непобитен, животоодлучувачки за самото дете – НЕГОВИТЕ РОДИТЕЛИ.
Доаѓа мајка со сребрени чевли на платформа и фустанче со должина, каква што тинејџерка обожава за во петочна вечер, и на рецепционерката во училиштето наместо „Добар ден“ и вели „Јас сум мајка на ученичка од петто одделение, итно сакам да разговарам со нејзината професорка по математика, не ме интересира ниту закажување средба, ниту ништо, само кажете ми во која канцеларија да ја пронајдам!!!“
Женичката на рецепција ги ококори очите од дрскиот настап на госпоѓата, но понизно сврте некој телефонски број и веднаш ѝ послужи на истата со конкретно упатство.
И се ставив на мисла кој грев го направила таа „безоборазна“ професорка по математика што наскоро ќе биде распната, судејќи по дрскоста во настапот на мајката покондирена тиква. Изгледа мајкава е од оние домаќинките што имаат премногу пари од добро испланираната мажачка во животот, премалку обврски во секојдневието и премногу слободно време за да малтретираат луѓе, кои со труд и пожртвуваност сакаат да заработат парче леб.
Оваа госпоѓа покондирена тиква сега ќе ѝ држи предавање од еден час на професорката по математика како таа смеела да и стави 4-ка на нејзината принцеза на која Питагора може да ѝ позавиди. Да, да таа е врвна и најдобра по математика, македонски, јазик, природни науки, општествени науки, пее како славеј, црта како врвен уметник, а на часовите по физичко воспитување е вистинска атлетичарка.
Таа не греши во животот, секогаш е подготвена за 5+, па зошто оваа професорка по математика толку ја мрази и ја фатила на пик да и стави 4? На девојчето кое слуша внимателно на часовите, ги пишува сите домашни, не ги навредува другарчињата, ги почитува професорите, кое се буди и заспива со пофалбите од своите родители „ти си најпаметна, најубава, најдобра, сите останати се полоши од тебе“... Како можеше ова да се случи?
Чувана во златен кафез, оваа нежна птица на мама и тато, ова богатство од дете, ова неповторливо суштество, овој научник од мали нозе, сега не е доволно добра? Сега некој се осуди да ѝ каже дека не заслужува ништо повисоко од оцена 4? Сега, има училиштето да биде кренато во воздух, прием кај директорот, вонредна родителска, сослушување на „никаквата“ професорка, анализирање на нејзината досегашна работа, па и потенцијал за отказ. Да, да, таа ја навреди принцезата, толку совршена, толку без мана, што сега има да страда.
„Ете, од тоа си патиме“, ми минува низ главата. Токму заради ваквите родители, кои ги креваат своите деца во ѕвездите, имаме лигави единки кои не можат да се снајдат во животот при првиот судир со реалноста. Да прифатат пораз во животот? Па, кој ги научил таква лекција? Тие ќе газат преку сѐ пред себе затоа што мама и тато ги убедија дека се најдобрите на секое поле, а кога ќе доживеат пораз ќе им плачат неутешно во скутот.
Со нив комуникацијата е невозможна, а интеракцијата пеколно тешка. Чувани во златен кафез при првиот судир со реалноста ќе бидат од оние неподносливи луѓе со носот во вис, чија листа на квалитети е отидена во минус. Индивидуи порочни за себе и суштества неподносливи за другите.
НЕ, мајки покондирени тикви, не им правите услуга на вашите деца што ги воспитувате дека се над сите други. Ако не денес, тогаш за некоја година од сега реалноста ќе ги удри во лице и тоа многу посилно од што тие ќе можат да поднесат. А такви случаи сите сме виделе и повеќе од доволно...
С. С. | Црнобело