Правила кои родителите треба да ги почитуваат за безбедност на нивното дете
Секако не треба никогаш да верувате дека нешто лошо ќе им се случи на вашите деца, ниту пак да дозволите да бидете опседнати со лоши мисли.
Но, нормално е дека секој родител е загрижен за своето дете и понекогаш сака да биде подготвен на сите работи што може да се случат.
Со цел да спречите опасни ситуации, практикувајте ги овие неколку совети, со кои секогаш ќе бидете сигурни за безбедноста на вашите деца.
Научете го вашето дете да ви се јавува и да ве известува кога оди некаде и кога ќе стигне
Создадете семејна навика и научете го детето да ви се јавува кога ќе си оди од училиште, кога ќе излезе од дома или кога ќе стигне дома или на некое друго место. Но и вие практикувајте го истото бидејќи така детето нема да го гледа тоа како контрола туку како нешто нормално.
Верувајте му на детето секогаш кога ви раскажува некоја чудна ситуација
Ако детето ви раскажува нешто што ви звучи сомнително, дури и да се работи за наставник или семеен пријател, секогаш верувајте му на зборовите и обидете се да ја преиспитате ситуацијата.
Ако детето ви се јави и ви каже да го земете од некаде, направете го тоа, можеби не може да ви ја објасни преку телефон ситуацијата и причината.
Запишете телефонски броеви од неговите пријатели, наставници и други луѓе со кои поминува време
Ако детето не дојде и не се врати во договореното време, побарајте ги неговите пријатели или луѓето со кои знаете дека било. Важно е секогаш да имате барем неколку броеви од неговите блиски за да можете секогаш да го добиете ако не е достапно.
Секогаш имајте слика од вашето дете во секој период од животот
Ако детето се изгуби, многу е потешко некој да се сети на него по облеката која ја носело. Но, затоа можете да му покажете скорешна фотографија, па ако некој го види веднаш ќе може да спореди и да се сети.
Подгответе го детето на секакви ситуации
Потрудете се детето да знае барем неколку телефонски броеви од вас, семејни пријатели или роднини за во случај да се загуби. Исто така, важно е да ја знае домашната адреса.
Учете го детето како да се однесува во опасни ситуации, да не крева паника, што да прави ако се изгуби, ако некој му се доближува итн.
Договарајте место на наоѓање
Доколку одите на настани каде што има многу луѓе, секогаш договарајте место на кое ќе се најдете доколку се случи да се разделите, дури и ако имате телефон со вас. Бирајте места кои се впечатливи од далеку и кои не може да се промашат.
Запишете ги податоците
Доколку детето ви е помало, запишете ги на едно ливче вашите податоци и телефонски броеви, а доколку случајно има и некој здравствен проблем, како алергии, задолжително запишете го и тоа. Ова најмногу се однесува доколку ги пуштите децата на екскурзии и се сами без вас.
Не му забранувајте компјутер и социјални мрежи
Ако им го забраните ова на децата, тоа ќе предизвика само поголема љубопитност. Оставете го детето да направи свој профил, но редовно контролирајте го и гледајте какви интереси има. Научете го детето на онлајн безбедност и укажете му на сите опасности на интернет.
М. М. | Црнобело