Како да одгледате деца кои нема да бидат зависни од модерната технологија?
Децата денес буквално уште од пелени се со компјутери, телефони и таблети. Овој тренд со право ги загрижува родителите, а психолозите сè почесто предупредуваат за негативните последици на често користење на вакви уреди.
Прочитајте ги следниве 8 правила со кои користењето на дигиталните уреди ќе биде побезбедно за децата:
Определете максимално време во денот во кое ќе му дозволите на детето да ги користи дигиталните уреди
Колку време детето смее да седи на компјутер зависи од возраста. Американската академија на педијатри го препорачува следново:
Од раѓање до 18 месеци: никакви екрани, ниту телевизор. Исклучок се само разговорите на Скајп со блиски роднини или пријатели во кои може да се вклучи и детето.
Од 2 до 5 години: Не подолго од 1 час на ден. Ова време опфаќа телефони, телевизор, компјутер и таблет.
За деца над 6 години: Најдобро е да го ограничите времето во кое детето ќе може да користи некој уред. Докторите препорачуваат тоа да не биде подолго од 2 часа на ден, и тоа никако не смее да ги попречува спиењето и физичките активности на детето.
Не забранувајте, туку дајте други предлози
Најлесно е да му дадете на детето таблет и да му кажете да прави што сака.
Предложете му нешто друго наместо тоа. На пример, спортски активности, цртање, читање, прошетки, во зависност од возраста и желбите на детето.
Бидете пример за детето
Детето гледа и учи од вас. Ако ве гледа дека читате книги, а не седите често на телефонот, шансите дека и тоа ќе го прави истото се поголеми.
Размислете за вашата врска со технологијата. Колку време седите на Фејсбук? Колку пати проверувате меил? Ако и вие имате нездрави навики во однос на тоа, променете нешто.
Објаснете му ги позитивните страни на технолошките уреди на детето
Покажете му на детето дека интернетот и компјутерот не се користат само за игри и забава, туку преку нив може и да се научи нешто интересно.
Охрабрете ги децата да започнат со некој интересен едукативен курс или да истражуваат интересни теми додека седат на интернет.
Ограничете го пристапот до содржини на интернет кои негативно влијаат на децата
Додека детето не наполни 9 години, родителите треба да постават забрана за пристап на одредени сајтови или да го ограничат пристапот и да одредат што детето смее, а што не смее да гледа на интернет.
Приоритет треба да бидат едукативни програми во кои се учи на забавен начин и се зајакнуваат когнитивните способности на детето.
Користете ја опцијата „родителски надзор“ која го ограничува пристапот до одредени сајтови.
Одредете места во домот во кои нема да има дигитални уреди
Одредете простории во домот (спална, кујна, детска) и време (појадок, ручек, вечера) резервирано за други активности, а не за користење на дигитални уреди.
Објаснете му на детето дека не треба да седи на маса со телефонот во рака и не ставајте компјутер во неговата соба. Педијатрите препорачуваат да не се користат дигитални уреди најмалку 1 час пред спиење.
Објаснете му ги правилата на социјалните мрежи на детето-тинејџер за да се избегнат можни грешки
Најдобро е децата до 12 годишна возраст да не користат никакви социјални мрежи. Над 12 години, дозволено е користење на одредена социјална мрежа бидејќи во овој период детето се осознава себе и оформува врски со околината.
Објаснете им на децата кои се тинејџери како функционираат социјалните мрежи, за што треба, а за што не треба да се користат и слично.
Не претерувајте со споделување фотки од вашите деца на вашиот профил. Почитувајте ја нивната приватност.
Предупредете ги децата за ризиците од технологијата
Кога веќе ќе го воведете детето во светот на социјалните мрежи, многу е важно да го предупредите за сите ризици што постојат во интернет просторот.
Објаснете му ги на детето следниве работи:
- како да се справи со негативни коментари и исмејување
- како да ги заштити личните податоци (да не пишува каде е, со кого, да не споделува многу фотки и слично)
- што смее, а што не смее да симнува од интернет
Објаснете му на детето дека сè што се поставува на интернет останува таму и дури и да се избрише, постои трага која може нешто да открие.
Детето мора да сфати кога е безбедно да се допишува со некое другарче, а кога треба да препознае дека некој има лажен профил. Важно е детето треба да стекне доверба во вас и да ви каже ако настане некој проблем.
М. В. | Црнобело