За идните мајки: Што треба да спакувате за во болница?
Ако очекувате бебе набрзо, сигурно размислувате кои работи треба да ги спакувате во торбата за во болница.
Четка и паста за заби, чешел, пешкир се вообичаени работи кои треба да ги спакувате.
Но, има и други работи кои не треба да ги заборавите бидејќи ќе ви притребаат:
Влажни марамчиња за чистење лице
Болничките соби колку и да се чисти, содржат бактерии кои се штетни за кожата на лицето, па марамчињата за бришење шминка погодни за лице се одлични за да ја освежите кожата.
Влечки
Можеби ќе престојувате два дена, но можеби и ќе останете подолго, па затоа паметно би било да си понесете и влечки или папучи за кога ќе станете од креветот.
Полнач за телефон
Телефонот сигурно нема да ви биде приоритет, но мора да го имате до вас за да ја соопштите среќната вест, но и да направите семејна фотка од денот на раѓањето на вашето дете. Не го заборавајте полначот. Батеријата на модерните телефони брзо се празни.
Долна облека
Носете си секогаш еден или два пара чиста долна облека, посебно гаќички. Ако успеете да се истуширате, супер, во спротивно ќе морате само да се пресоблечете во чиста облека.
Лабело
Престојот во болница не бара да бидете нашминкани и средени, но убаво е да си носите лабело за да ги заштитите усните.
Тампони за уши или маска за спиење
Ако ја делите собата со друга родилка, пожелно е да си земете тампони за уши или маска за очи за полесно да заспиете. Никогаш не знаете какви се навиките на другите жени, а сонот во овие денови ви е и тоа како потребен.
Чорапчиња за бебето
Пред да си одите, кога ќе го облечете бебето, не заборавајте да му ставите чорапчиња. На бебињата секогаш треба да им биде топло и пријатно.
Уште една торба
Сигурно нема да си заминете од болницата со истите работи со кои сте дошле. Спакувајте си уште една мала торба за сите ситници кои ќе ви ги дадат од болницата или ќе ви го донесат најблиските кога ќе ве посетат.
М. В. | Црнобело