Зарем не сфаќате дека „врските“ креираат неспособни деца?
Секојдневно додека се среќавам со луѓето налетувам на разно разни приказни, секоја почудна од претходната, секоја поневеројатна, но вистинита. Некои зборуваа за успехот и среќата, а некои за животот на една тажна единка која само копнее да биде среќна.
Она што е чудно, барем за мене, во секојдневното живеење е што родителите сè повеќе и повеќе ги носеа своите деца на рамена, не дозволувајќи тие сами да го трасираат својот пат кон успехот.
Се обидуваа да им фатат врски за на училиште за да имаат просек 5.00 иако притоа не отвораа книга и остануваа полуписмени.
Наоѓаа пријатели за нивните слободни активности, па така детето кое е антиталент за фудбал ќе игра во прва постава, а она кое има вистински талент за тој спорт ќе седи на клупата, само бидејќи така налагаат причинско последичните врски.
Родителите им одбираа факултети кои беа тотално спротивни од она што детето навистина го сака и го може. Така оној кој има пасија за ликовна и музичка уметност завршуваше на електро, а оној кој сака да се занимава со спорт завршуваше на медицина, обземен од депресијата дека учи нешто што ниту му е по желба, ниту па има план да го заврши навреме.
Сето тоа за да родителите можат да се пофалат со инженерот и докторот, кои ќе бидат огорчени цел живот само затоа што не го учеле она што сакале.
Секогаш кога ќе заглавеа во некоја каша која сами ја создаваа, тука беа тие, кои според мене јас ги нарекував „недобронамерни” родители кои ќе направеа сѐ да го извадат своето чедо од кашата, без да го натераат да се носи со последиците од своите постапки.
Под недобронамерни подразбирам, добра намера која имаше лошо влијание на самото дете, само беа некако слепи за тоа да го увидат.
Не ги учеа како правилно да се борат во животот, бидејќи кога некој не е оставен сам да преживува во ова крвожедно општество, тој ќе биде осуден на пропаст.
Можеби тоа нема да се види во првичните години, но дефинитивно ќе се одрази во подоцнежните години од живеењето на таа единка која опстојувала во стаклено ѕвоно.
Да се разбереме, родителот треба секогаш да се бори за своето дете, но не да го учи да биде паразит кој нема да биде способен сам да го изоди трнливиот пат на животот.
Родителите треба да ги дадат вредностите и да го натераат детето да научи да се бори со бурите во својот живот и да ги носи тешкотиите од своите грешки.
Зошто потоа истите тие родители се жалеа дека имаат 30 годишни тинејџери кои живеат со нив и не прават ништо во животот, кога токму тие ги креираа таквите „вечни“ тинејџери?
Зарем не можеа да видат дека константното мешање во одлуките и постапките на нивните деца ги прави децата апсолутно несамостојни и изгубени, бидејќи тие никогаш не можеа да одлучат сами што е правилното за нив, дури и да можеа се плашеа да го кажат тоа, стравувајќи дека ќе наидат на кавга со претпоставените?
Дали тоа беше правилно одгледување на своето дете?
Дали навистина тие родители не можеа да видат дека стакленото ѕвоно кое го градат околу своето дете само ќе му одмогне во неговото преживување во секојдневието?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело