Сине, а кога ќе имате деца? На стари години ли ќе гледаме внуци?

Во животот прави ги работите онака како што ти велат срцето, разумот и сопствената глава и никако поинаку. Тоа беше реченица која сакав да си ја повторувам секогаш кога ќе наидев на крстосница во мојот живот и секогаш одекнуваше тој глас во мојата глава пред да ја донесам конечната одлука иако многумина пробуваа да го нарушат тој стабилен систем.

sine-a-koga-ke-imate-deca-01

Се оженив многу млад, можеби и премлад ако ме прашувате, на мои 23 години, од огромна љубов кон мојата партнерка. Колку и да беше чудно, таа не беше бремена, како што сега тоа оди во поново време. Не се оженивме од интерес, ниту затоа што сме ја погрешиле работата и сме избрзале, едноставно стапивме во брак од чиста, искрена љубов.

Нашата врска отсекогаш беше поинаква и беше полна со разбирање. Никогаш не ме праша зошто излегувам со колегите од работа и како тоа ми се случува да се задржам покасно во петок навечер кога ќе одиме на пиво. Јас никогаш не и ги погледнав ниту телефонот, ниту профилите на социјалните мрежи, ниту пак се бунев кога со другарките ќе излезеа на по едно мартини, дотерани така што секој маж би се свртил по нив.

Си верувавме уште од ден број еден и така остана и после ставањето на бурмите на нашата рака. Ништо не се промени. Планиравме да го освоиме светот и да прошетаме што би се рекло дури сме млади и додека имаме пари кои сакаме да ги вложиме во нас, а потоа да градиме семејство.

Да бидам искрен, така и правевме, многумина ни завидуваа, многумина нè нарекуваа непродуктивни, себични „пијандури“ кои сакаат да уживаат во животот без да се посветат на семејните обврски. Но, не ни беше грижа што мислат другите, проблемот кој ние го имавме, а претпоставувам и половина младина во денешното општество беше прашањето на нашите родители, „Сине, а кога ќе имате деца?“

Многупати пробавме да им објасниме дека самото потпишување во матично не значи дека после тоа мора да следува дете и дека имаме доволно време пред да се оствариме како родители, бидејќи како што кажав, бевме млади. Сакавме прво да создадеме капитал и да купиме едно скромно живеалиште каде што ќе можеме да градиме семејство.

Тоа беше нашиот план.

Но, нивните прашања не запираа, нивното настојување на таа тема беше неизбежно секогаш, секаде, на секој семеен собир.

„Ако има нешто мака невестава кажи ми, имаше порано случаи кај нас во маалото, ќе побараме, ќе ја излечиме, ќе и плукнат двапати во вратот и ќе и врзат шамија на раката, сè ќе ѝ помине и оп, ќе гледаш еден куп внучиња околу“ - знаеше да каже мајка ми.

„Ако има друга, ако оди по жени и ако пие многу, веднаш остави го, тоа не се менува, сигурно тоа е причината, друга причина за немање деца не гледам, кутрата моја сигурно не си среќна или па можеби, да не слушнат душманите, не дај Боже зетот наш не ја може онаа работа во креветот. А ќерко? Кажи да направиме нешто да помогнеме, па треба внуци да гледаме“ - знаеше скришно да ѝ каже мајката на мојата сопруга.

„Ајде па ние на стари години ли внуци ќе гледаме?“ - знаеја да додадат мажите од нашето семејство.

А, да ве прашам вас, нè прашува ли некој дали сме подготвени?

Јас сакам моето дете да се роди во убави услови, во мојот сопствен дом кој јас ќе го заработам, да има простор каде да го одгледам за да можам да му овозможам едно сигурно и стабилно детство.

Млад сум и имам време тоа да го остварам, ќе бидам доволно млад дури и за да бидам млад татко, затоа пред да бидете себични помислете на нас, на нашите соништа и согледајте ја нашата визија за тоа како ние сакаме да ни изгледа семејството пред повторно да нè труете со истите досадни прашања.

Без внуци секако не ве оставаме, но во животот ништо не мора да биде избрзано.

Затоа, дозволете ни да уживаме, а потоа да не сме ве слушнале како се жалите дека ви ги оставаме на чување кога ќе сакаме да се напиеме по една со пријателите во кафеана.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Мамо, не мораш да бидеш супер жена - сакам да те паметам насмеана „Мамо, еден ден кога твоето тело ќе се измори ретко кој ќе се сеќава дека си се ...
Луѓе постари од 40 години откриваат: „Зошто не зажалив што немам деца?“ „Со партнерот ја имаме целата слобода што ја сакаме. Можеме да патуваме кога сак...
„Им љубоморам на моите деца – имаат поубаво и полесно детство од моето“ „Кога бев дете, секое саботно утро ми беше жртвувано – морав да ја косам тревата...
6 реални приказни од луѓе чии роднини со своето однесување им одат на нерви „Имам 17 години, а сестра ми 28 и мали деца, па кога и да дојдат на гости, остав...
Си ги сакаме бабите, но 5 нивни фрази нè „полудуваат“ „Интернетот те расипа“, „Преслаб/а си, јадеш ли нешто?“ се само дел од работите ...
„Не сакам да имам деца – мојата цел е да спијам, да одам во шопинг и да одам на маникир“ „Дали децата се целта во животот и дали ако имате деца нема воопшто да имате вре...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg