Се сеќавам на тато... Како правевме заговори против мама, како ѝ го јадевме слаткото за гостите, а таа ни се лутеше
Ехх... се сеќавам како ме држеше за рака и ме шеташе во паркот. Секогаш ми беше поинтересно да шетам со тебе, затоа што не ми викаше кога ќе се вратев целата валкана и со скинати хулахопки дома.
Затоа што секогаш бевме во заговор против мама, заедно ѝ го јадевме слаткото за гости, заедно игравме ракомет во спална, а таа ни се лутеше.
Да, татко, несомнено една од најважните личности за секоја девојка. Тој е првиот лик од спротивен пол, олицетворение на машкиот пол, прва претстава за тоа како изгледа некој поразличен од нас.
И не можам да ја заборавам нашата главна анегдота. Излеговме да прошетаме, ти притоа се најде со својот пријател кој исто беше со својата ќерка, па решивте да пиете пиво додека јас и новата другарка си играме низ тревата.
Сакав да отидам да ја земам куклата од дома, а бевме многу блиску до нашиот дом. Сакав сама да отидам и ме пушти, само ми рече – „немој да и кажуваш на мама дека пиев пиво“. А јас, сериозно ја зачував нашата прва тајна.
Отидов до дома и дете како дете се заиграв и не се вратив кај тебе. Дојде дома, а јас од скали те пречекав... „татооо, не и кажав на мама дека пиеше пиво“. Тоа беше случка за паметење, бидејќи ги изнасмеав сите до солзи. Важно е што јас ја чував нашата тајна.
Ми раскажуваше приказни, ама не за Снежана и Пепелашка, туку измислуваше нови. За момчето кое било многу сиромашно, па нашло пари на патот и со нив купило чоколади за сите дечиња од маало, за ловџијата кој донел зајче дома и дечињата го чувале како миленик па не сакале да го даваат никаде, за момчето кое не се плашело од мечката... ехее... и многу други.
Во сите нив имаше по некоја порака, која заедно ја извлекувавме на крај, бидејќи никогаш не заспивав се дур не заспиеш ти.
И се сеќавам дека со тебе учев да возам велосипед, ме тешеше кога паднав и ме учеше дека мора да паднам за да научам да возам. И пливавме заедно и сега знам дека кога научив да пливам, ми бегаше чекори наназад, а јас се чудев зошто толку многу пливам.
На училиште пак, мама ме носеше, а ти ме чекаше за назад. Но, како ли да ме научите сама да одам и да се враќам од училиште? Знам еден ден ми рече – „оди ти, а јас ќе застанам и ќе те гледам од тука“. Се свртев милион пати да видам дали си тука, викнав неколку пати чао и тука беше, и сè уште си тука.
Тука си за мене, да ме разбереш, да ме насочиш, да ме охрабриш, да ми покажеш дека можам, исто како што ми покажа дека ако не паднам нема да научам да возам велосипед.
Н. Т. | Црнобело