„Бев на Занзибар – најдобрите и најлошите работи кои ги видов на оваа егзотична дестинација“
Изолиран. Прекрасен. Загадочен. Посебен. Островите се светови сами по себе. Во последните неколку години Занзибар стана актуелна туристичка дестинација. Има многу причини зошто е тоа така.
Сите може да засведочиме дека од година во година бројот на туристи се зголемува и сите се враќаат со еден куп пријатни и уникатни спомени. Хакуна Матата!
Од друга страна, доволно е да се спомене Занзибар и прво нешто што ни паѓа на памет се: долги песочни плажи по кои ти е мерак да пешачиш со часови, безброј нијанси на тиркизна вода, шарени корали и широка лепеза на разновидни риби, џунгли со зачини кои ќе ти приредат филмско уживање, вкусна морска храна која само ти го зголемува апетитот, волшебни зајдисонца…
Токму поради ова Занзибар е дестинација што секој треба да ја посети барем еднаш во животот.
Кога муабетот е свртен спрема вакви тропски дестинации, најчесто поставувано прашање е која е најубавата плажа. Барем за Занзибар одговорот е едноставен – плажата Кендва!
Сега ќе ти стане и појасно зошто е тоа така. Оние што се повеќе упатени знаат дека поради коралниот гребен што го штити островот, плимата и осеката на Занзибар се прилично изразени.
Во некои моменти водата може да се повлече и до 2 километри, но на северниот брег од островот ова сценарио е поразлично – таму вода за капење има од разденување до стемнување.
Пред да продолжиме понатаму би издвоил неколку корисни информации за Занзибар: пиј исклучиво флаширана вода. Штити се од сонце, тука се гори многу брзо, па затоа мачкај се со крем за сончање и носи капа или шешир.
Немој премногу да се оптоваруваш, Занзибар е безбеден, дури и сам да пешачиш во два наутро низ тесните улички на Стоун Таун жив и здрав ќе се вратиш во хотел. Но, од друга страна не прави никакви нелегални работи.
Не фотографирај луѓе без нивна дозвола, посебно не полицајци, a на локалците обраќај им се со пријателски тон. И многу важно, кога нуркаш внимавај да не ги оштетиш коралите, гледај ги, но никако не ги допирај.
Исто така, ментално подготви се дека одиш во Африка и сè ќе ти биде многу полесно.
Не очекувај дека за појадок ќе имаш кашкавал и сирење. Многумина одат со таква помисла. Посебно во Стоун Таун ќе налеташ на голем метеж, непријатна миризба, распаднати објекти и голема сиромаштија насекаде.
Вдиши длабоко и доживеј го Занзибар каков што навистина е.
Многу важен сегмент од посетата на која било дестинација се екскурзиите и местата што е пожелно да се посетат.
Сè е тоа убаво ако одиш на Занзибар да уживаш на лежалка со коктел покрај океанот, но за подлабоко доживување на самото место мора во својата агенда да се вметнат и екскурзии или авантури, наречи ги како сакаш.
Посета на Накупенда – песочен насип кој се наоѓа во близина на Стоун Таун, а самото име на свахили значи Те сакам.
Накупенда мора да ја посети секој кој ќе стапне на Занзибар! Самата помисла дека се наоѓаш на изолирано „островче“ среде океан каде можеш да уживаш во тиркизните нијанси на водата е доволна мотивација да посакаш да си таму.
Призон Ајланд – уште еден островче, кое на времето требало да служи како затвор за најголемите криминалци и робови, но на крај се претворил во карантин.
Денес Призон Ајланд е дом на џиновски желки од видот алдабра. Приказната е дека гувернерот на Сејшелите во 1916 година подарил неколку желки на Занзибар и денес тие прераснале во туристичка атракција. Најстарата желка има 196 години.