„Бев во Кавадарци – ме пречека совршен парк, чист град, луѓе со најтопли насмевки и најубави приказни“
Јас, за жал, не бев во можност тоа да го почувствувам тој дух на утринските собиранки, веќе беа пред затворање, но чичко Григор ме однесе кај другар му Берберот Коска, односно Зоран Камчев (62), каде повторно бев пријатно пречекана.
Со 62 години, низа работни искуства зад себе, но веќе 20 години работа како бербер, тој ме прими во неговата живописна берберница, каде имаше излепено низа постери и во секое ќоше се чувствуваше магијата на минатото.
Си поразговарав и со него, ми кажа дека и децата и внуците му живеат во Кавадарци, и дека дури и кога одат на кратко по работа во странство, секогаш се враќаат дома.
„Во Кавадарци е многу убаво за живеење, има и фабрики што работат, сега нормално кој и како е задоволен, зависи што сака. Мене ми е убаво, јас 12 години ја имам мојата берберница.
Има и маалски живот и пријателства, а за мене најубаво место во Кавадарци ми е мојата берберница. Но, јас сум работел и келнер, па и таму би било убаво. Јас кај и да работам, таму ми е најубаво“, ми раскажа харизматичниот чичко Зоран.
Потоа, тргнав кон паркот, но дотаму низа попатни станици.
И совршено уреден кеј и на секој чекор табли со насоки до локали, цркви и што уште не, навистина практично решение, па паркови со лулашки за деца итн.
Видов и еден уникатен ѕид со мозаик, подзастанв и сфатив дека се најдов пред Музеј галеријата Кавадарци, отворена далечната 1976 година.
Таму веднаш ми посакаа топло добредојде, ме прошетаа и ми дадоа книга посветена на работењето на оваа институција.
Оттаму ме најавија и одведоа во новиот музеј, каде има и спомен соба на големиот музичар Васил Хаџиманов, роден во Кавадарци во 1906 година. Музејот е отворен во 2013 година и посветен на предмети и материјали за производство и обработка на традиционалната тиквешка храна.
Ме потсетија и на други видни личности на кои Кавадарци, но и цела Македонија се гордее, како што се Добри Даскалов, Страшо Пинџур, Никола Бадев итн. Нивните споменици гордо стојат и во Паркот на револуцијата во Кавадарци.
Но, изненадувањата за мене не сопреа тука.
Во паркот ме дочека уште еден музеј и уште многу насмеани и пријатни домаќини.
Стануваше збор за Винскиот музеј, отворен пред две години, кој го посетитиле за толку краток период повеќе од 4.000 посетители.
Овој музеј мене лично особено ми се допадна, но не само затоа што сум љубител на убаво вино, туку и затоа што ме асоцира токму на Кавадарци и на целиот тиквешки регион.
Љубезната Aнета Атанасова, која работи во музејот, ми кажа дека од Кавадарци многу семејства донирале работи од нивните подруми и домови за убаво да се раскаже приказната за традицијата на правење вино и ракија во овој регион, а ме поканија и на настанот „Фестивалот на младо вино во Тивеш“, на кој се особено горди и кој традиционално се одржува секоја година.
Како Анета накратко ми ја долови приказната за Винскиот музеј:
„Кај нас се организираат многу настани, надвор во дворот се организираат вински дегустации, фестивали и имаме договори со сите локални мали и поголеми винарии. Музејот сакаме да бидеме едно катче каде ќе се види богатата историја што ја има Тиквешијата со лозарството и винарството.
Како поднебје сме познати по ракијата и виното и кога ќе се каже Кавадарци веднаш асоцирира на добра ракија и вино. Во секој двор, во секоја гаража сега ќе почне да се чувствува мирисот од варење на ракија.
Во музејот имаме многу стари експонати од крај на 19-ти и почеток на 20-ти век. Интересно е што сите предмети во музејот ни се од семејствата во Кавадарци, тие сами пројавуваат интерес да ги донесат работите тука за помладите генерации да го видат ова богато наследство и начинот како порано се берело и обработувало лозјето и како се правело виното.
Најголемиот дел од предметите ни се од фамилијата Велкови, кои се основачите на Тиквеш – првата винарија на Балканот, основана далечната 1885 година. Имаме еден многу стар предмет, а тоа е еблиоскоп, направен 1534 година во Австрија и засега им се знае трагата на само уште 4 вакви предмети во светот. Се користеле за мерење на шеќерените единици во виното. Имаме и ракија стара од 1919 година. Тоа ни се најстарите и најавтентични работи во музејот.“
Потоа, уживав во вкусна храна во еден ресторан во Кавадарци, а ја дочекав и вечерта со кафе во еден препознатлив локал во центарот.