„Бев на одмор во Тунис, од Скопје летот е 2.5 часа – зошто оваа дестинација топло ја препорачувам?“
Тунис излегува на Средоземното Море, кое е навистина топло и ви дава чувство како да влегувате во када со топла вода дома. Прекрасно е за капење, но водата не е толку магична како во Црвеното Море, а од подводен свет при снорклинг јас успеав да видам само некои сиви рипчиња.
Песокот е преситен, буквално како брашно, што дури се лепи за вас.
Задолжително ви ги препорачувам двете тури кои ќе ви ги понудат, дури и на моменти да се двоумите дали имате доволно време ако аранжманот ви е од само 7 дена. Дефинитивно вреди!
Токму тоа останува во помнење од одморите – новите и неверојатни искуства, а не константното еднолично лежење на една иста плажа, иако знам дека за многумина тоа е поим за вистински одмор.
Јас сакам да видам сè, па дури и по цена да ми треба два дена одмор после одморот. Времето го користам максимално за нови искуства.
Такво искуство беше едната тура во главниот град Тунис, каде стариот дел е многу живописен, но и турбулентен, па треба да внимавате на џебовите и на мобилниот телефон затоа што во турканицата безбедноста не е на највисоко ниво.
Џамиите се навистина живописни, булеварите широки и светски, а луѓе многу. Поголемиот дел од жените носат хиџаб, а дури и на плажа во ресортот жените локални туристки се капеа со буркини.
Се разбира, не сите, но навистина голем дел од нив. Кога го споменав ресортот да споменам и дека туристи имаше од секаде од Германија, Холандија, Русија, Полска, Србија итн.
На сопругот најмногу му се допадна посетата на остатоците од Картагина, на тоа некогашно неверојатно царство, па сите приказни за освојувањата од страна на Римјаните, прекрасните термални бањи.
Исто така и посетата на третиот најголем колосеум во светот во Ел Џем, кој е светско наследство на УНЕСКО и намерно не бил дограден за да не го надмине капацитетот на Колосеумот во Рим и оној во Неапол.
Мене пак ме воодушеви т.н. туниско Санторини, односно сино белото гратче Сиди Боу Саид, кое изобилува со неверојатни глетки, ви овозможува да пиете арапско кафе со најубав поглед, а додека се искачувате по живописните калдрмени улички да бидете маѓепсани од сите сте неверојатни арапски врати, надополнети со розово цвеќе отстрана.
Вратите во сите места низ Тунис се посебна магија. Сини, жолти, зелени, огромни со специфичен дизајн, јас не одолеав, а да не се сликам со голем дел од нив.