„Бев на аеродромот во Свети Николе, па кај пчелите на тетка Драгица во штипско – имав уникатна тура низ Македонија“
Љубезните домаќини нè дочекаа и со тазе направено кравјо сирење од една сосетка и со ѕидарско пиво, а потоа ни дадоа пчеларски костими и нè почестија со можноста, за првпат во животот, да се дружиме одблиску со пчели.
Во првиот миг ми дојде стресно кога тетка Драгица ми стави апчиња против алергија во џепчето и ме посоветува дека ако јас или партнерот имаме случајно алергиска реакција, ако дојде до убод од пчела, да изџвакаме апче за тоа брзо да дојде до нашиот крвоток.
Но, кога појдов на една од нивните локации со шарени сандаци пчели, веднаш ме понесе атмосферата и откако нејзиниот син Горан запали т.н. труло дрво за безбедност (пчелите да имаат чувство дека има пожар во природата и да не доаѓаат многу накај нас) се чувствував одлично.
Тој ни го прикажуваше одблиску живеалиштето на пчелите, па ни објасни дел од процесот на собирање мед, но и поленови зрнца со посебна решетка од ноџињата на пчелите.
Потоа, ни говореше за важноста на матицата која живеела околу 4/5 години благодарение на исхраната од матичен млеч, додека животниот век на другите пчели бил околу 40 дена во лето и 6 месеци во зима.
Со нас дојде и малиот, но бестрашен внук на Горан, кој едноставно уживаше гледајќи го неговиот чичко додека работи и ни раскажува колку вредни суштества се пчелите.
По ова искуство, кое дефинитивно нема да го заборавам никогаш во животот, појдовме до блиската црква Свети Ѓорѓи — средновековна селска црква во штипското село Козјак, која е прогласена за споменик на културата на Македонија.