„Бев на аеродромот во Свети Николе, па кај пчелите на тетка Драгица во штипско – имав уникатна тура низ Македонија“
„Тргнавме во раните утрински часови од Скопје за да фатиме ладовина, прва станица ни беше аеродромот во Свети Николе, кој дефинитивно е инстаграмџиски рај, потоа следуваше стара железничка станица, па посета на прекрасното семејство Миловски и авантурата близок контакт со нивните сандаци пчели за првпат во животот (да, и апче за алергија имав превентивно во џебот), па следуваа тазе набрани јаготки и домашно направено сирење со ѕидарско пиво, како и прекрасен разговор со вредната тетка Драгица.“
Со партнерот сме вљубеници во Македонија и нејзините убавини, па секој викенд сакаме да направиме некоја интересна тура.
Обично сама пребарувам на интернет или се инспирирам од фотографии на Инстаграм што да се посети, но овојпат во изборот и организацијата ни помогнаа пријатели. И им благодарам за тоа!
Прво, појдовме на аеродромот во Свети Николе. Знаете дека постои? Јас искрено не знаев!
Мал е и изгледа напуштено, но дефинитивно глетката е неверојатна и ви остава впечаток. Плус, ако сте вљубеници во добри инстаграмџиски фотки, местото дефинитивно ќе ви се допадне.
Потоа, пребарував на интернет и сфатив дека станува збор за аеродромот Мавровица — аеродром за авиони на стопанската авиација кој се наоѓа во Свети Николе и врши услуги за земјоделство и шумарство.
Само некој километар понатаму, нè пречека напуштена железничка станица. Старата живописна градба во комбинација со шините некако ми донесе мирис на едно минато време и ми ја разбуди желбата за патување со воз.
Не знам зошто за мене патувањето со воз има посебна магија, иако е бавно и некои од возовите ни се многу стари, јас со задоволство се сетив на мојата последна таква авантура, кога со воз патував од Скопје до селото Богомила, велешко.
Но, да се вратам на темата, потоа, се упативме кон штипско, односно до една викендичка во близина на селото Карбинци и планината Плачковица, кај роднини на нашите пријатели, а таму нè дочека прекрасна рурална атмосфера, дворче со сандаци со пчели, музика од транзисторче, како и тазе набрани јаготки од дворот и најважно од сè насмеани лица.
Нè пречека семејството Миловски. Прекрасната тетка Драгица, нејзиниот сопруг Стојан и нивниот син Горан... Уморни, но со ведрина и позитивна енергија нè поздравија и ни се извинија накратко за да ги соблечат нечистите пчеларски костими, по целодневната напорна работа со нивните стотици сандаци пчели.
Дојде тетка Драгица, пензионерка и поранешно медицинско лице, и ми вели: „Ова е многу напорна работа чедо, но вреди, пчелите ти враќаат со љубов, и да знаеш по мравките, тие се најорганизираната заедница, на второ место се, а ние луѓето сме на 1002 – треба да учиме од нив...“
И само ѝ климнав со глава и си замислив за миг како би било природата да ми е канцеларија и мене и сама да си го диктирам темпото на работниот ден. Епа, нема ништо поубаво, браво за тетка Драгица и семејството.