„Бев на патување во Анталија – зошто топло ја препорачувам како дестинација за одмор?“
„Се чекавме во 6 часот на аеродромот во Скопје, а само што слетавме во Анталија, љубезноста на Турците ми се потврди на дело – бевме дочекани со рози, коктели, насмевки, јаготки во чоколадо, па дури и македонската химна. Тоа беше одличен старт на едно незаборавно патување, чија круна беа Аквариумот во Анталија, тематскиот парк ‘The Land of Legends’ и магијата на стариот град во Сиде... Анталија како дестинација за одмор? Дефинитивно да!“
Во 6 часот наутро се чекаме на аеродромот во Скопје? Одиме на море? Јас сум за!
Кога станува збор за патувања, никогаш не се двоумам, секогаш сум подготвена, зарем има нешто подобро од тоа? Овој април ми донесе токму едно такво патување.
Овојпат дестинација беше атрактивниот туристички центар Анталија, Турција. Појдовме, видовме, се вративме полни импресии.
Организатори беа агенцијата „Fibula Travel Macedonia“ и авиокомпанијата „Turkish Airlines“.
Друштвото одлично – претставници од медиумите, инфлуенсери, блогери и претставници од „Fibula Travel Macedonia“ и од „Turkish Airlines“.
Летот, бидејќи надвор од сезона, ни беше прво до Истанбул, а потоа до Анталија, добропознатата покраина во југозападна Турција, каде административен центар е истоимениот град Анталија. За време на летната сезона има директен лет од Скопје до Анталија.
Летот мирен и одлично организиран, токму како што и се очекува од „Turkish Airlines“, ние ново друштво, но компактно, како да се знаеме многу одамна.
Приказни и повеќе од доволно, кој споделува медиумски искуства, кој патувачки авантури, кој трикови како да се направат совршени фотографии и да се долови одредена дестинација, но сите ведри, насмеани и подготвени за авантура.
Штом пристигнавме на дестинацијата нè пречека туристичкиот водич Харис, Црногорец кој повеќе од 16 години живее и работи во Анталија. Полн со корисни информации и забавни приказни, тој не се делеше од нас во текот на 7-дневното патување.
И најсимпатично од сè, нè дочека со по една роза за секоја дама од групата уште при самото слетување.
При пристигнувањето во првиот хотел веднаш ни се потврди добропрочуената љубезност на Турците. Со шампањ, коктели, јаготки и ананас во чоколада, разни десерти и солени закуски бевме пречекувани во сите хотели.
Топлиот прием одеше дотаму што на едно место нè пречекаа со македонската химна, иако хотелот беше полн со туристи од други земји. Потоа, тимовите за забава настапуваа специјално за нас или нè вовлекуваа во своите танци, па наздравуваме со светските хитови отсвирени на труба на плажа или уживавме во зајдисонцето на платформа во еден од хотелите, додека брановите создаваа хармонична симфонија за нас.
А хотелите, односно ресортите? И повеќе од совршени.
Со огромна површина, лоби барови кои зрачат со префинетост и елеганција, квалитетни материјали во градбата, внимателно одбрани детали, огромни базени, низа ресторани од различен тип, играчници, кино, СПА центри, одлична природа, совршено уредени плажи, специјални катчиња за деца, па катчиња само за 16+ посетители и што уште не.
Тоа што можете да си го замислите и посакате од летен одмор, во Анталија дефинитивно ќе го доживеете.
Услугата е одлична, на сите страни има барови од кои можете да си земете некој освежителен пијалак, а во тајминзите за појадок, ручек и вечера едноставно нема да можете да одлучите што попрво да ставите во вашата чинија.
Храната е превкусна секаде, а изборот огромен.