Нема бесплатно Wi-Fi, никој не се вози во такси - туристи споделуваат 8 факти за Јапонија
Со „џебно Wi-Fi“ постојано ќе бидете онлајн, пушењето цигари е дозволено во некои ресторани и кафулиња, а доколку сакате да одите во шопинг без даноци, потребно е да покажете пасош. Осум работи во Јапонија што ги изненадуваат туристите.
Ако некогаш патот ве однесе во Јапонија, еве неколку интересни факти што можеби би можеле да ви се најдат.
Новинарката Медисон Вандерберг од САД во својата статија за Insider пишува кои работи навистина ја изненадиле при нејзината посета на Јапонија.
Од недостатокот на Wi-Fi мрежи на јавни места, задолжително покажување пасош при шопинг, но и возење во коли од метро наменети само за жени, кои се работите што особено ја изненадиле оваа новинарка?
Недостаток на Wi-Fi
Во Јапонија бесплатната интернет конекција не е достапна како во некои држави, но земјата има повеќе опции за пристапување кон интернет доколку немате обезбеден роаминг.
Може да се изнајми таканаречено џебно Wi-Fi, што во суштина е мал уред кој обезбедува интернет конекција за неколку телефони, па дури и лаптоп.
Ваквото џебно Wi-Fi може да се изнајми на аеродром, а за 10-дневен престој за дневен интернет лимит од 1GB ќе треба да платите 55 долари.
Во рестораните и кафулињата дозволено е пушењето цигари
За разлика од САД (и Македонија) каде пушењето цигари е забрането во сите затворени објекти, во Јапонија во некои ресторани и барови дозволено е да запалите цигара.
Секако, тоа не важи за сите ресторани, па потребно е да се направи истражување кои ресторани одобруваат слободно да запалите цигара додека сте таму.
Бакшишот може да се смета за навреда
Во Јапонија не се остава бакшиш, па дури и во некои случаи може да се смета за навреда доколку се обидете да го почастите персоналот за услугата.
Сепак, иако не примаат бакшиши, Јапонците наплаќаат резервација на маса или задолжително е да земете предјадење.
Најчесто во рестораните не ви кажуваат дека е потребно да платите за предјадење и слично, па така, ако ви дадат вакви порции, треба да очекувате дека и тоа ќе се појави на крајната сметка. За ова се наплаќа околу 300 јени (околу 3 долари).
Сепак, во помалите места што служат храна, како рестораните за тестенини, не се наплаќаат вакви услуги.
Нема корпи за отпадоци на секој чекор
Особено импресионира фактот дека Јапонија е една од најчистите земји во светот, а многу ретко можете да видите корпи за отпадоци. Локалното население најчесто го чува отпадот сè додека не стигнат дома, во метро или во кафуле каде има корпи.
Најдобро е со себе да понесете мала ќеса за да го собирате ѓубрето во ранецот додека не најдете соодветно место каде што ќе можете да го фрлите.
Преку ден никој не се вози во такси, а цените на такси-превозот се огромни
Јапонија, особено Токио, има мошне развиен јавен превоз, поради што многу малку луѓе се возат во такси преку ден. Сепак, по полноќ метрото престанува да транспортира патници, па така доколку треба да одите со такси треба да бидете подготвени и да платите.
Почетната такси тарифа на јапонските таксисти е од 3 до 6 долари.
Има посебни коли на метрото само за жени
Со цел да ги заштитат жените од сексуално вознемирување, во метрото во Токио има коли што се наменети само за жени во раните утрински и во доцните вечерни часови.
Овие коли се обоени во розова боја и се лесно препознатливи.
Неучтиво е да одите и да јадете
Во Јапонија има голем избор на брза улична храна, но се смета за неучтиво да одите по улица и да јадете затоа што мирисот на некоја храна може да биде непријатен за луѓето што се движат во ваша непосредна близина.
Најчесто храната што ја купиле луѓето ја јадат во близина на продавачот што им ја продал.
Треба да покажете пасош за да бидете ослободени од данок како туристи
Најголемиот број трговски центри имаат пазарење ослободено од даноци за туристи, но ќе мора да покажете пасош. Затоа, кога сте во Јапонија ќе мора постојано со себе да го носите овој важен документ.
При секое пазарење сметките се вметнуваат во пасошот и истите ќе треба да им ги покажете на цариниците кога ќе си одите од земјата.
Б. С. Б. | Црнобело