Локални жители споделуваат – работи што никако не смеете да ги правите како туристи во нивните држави
Во Англија не смеете да одите преку ред кога има редица, а во Германија можете да си заработите казна ако го направите поздравот на Хитлер.
Пред да посетите некоја држава, сигурно истражувате за цените, културата, тамошниот начин на живот и сè останато поврзано со земјата, но факт е дека некои работи можеме да ги дознаеме само од локалните жители.
Бидејќи секоја држава е различна и населението има различни навики и култура, навистина е лесно да навредите некој кога сте во странство. Причината е тоа што оние работи што кај нас можеби се нормални и вообичаени, можат да бидат најнеучтивото нешто во некоја друга држава.
Неколку луѓе од разни држави ширум светот на Редит споделиле кои се работите што туристите никако не смеат да ги прават во нивната држава.
Во продолжение дел од најинтересните одговори:
„Во Австралија не им се приближувајте на крокодилите и не ги допирајте змиите! Сето ова се работи што сум видел туристи да ги прават. Еден Американец дури и проба да се тепа со кенгур (кенгурот победи)“.
„Концентрационите кампови не се место за вие да правите селфиња за Инстаграм. Тоа се места каде што биле убиени многу луѓе. Во ред е да се фотографирате, но оние кои си прават ’секси‘ фотки не заслужуваат да бидат таму“.
„Во Англија секогаш почитувајте ги редиците и не пробувајте да одите преку ред. Сите ќе ве гледаат со омраза“.
„Во САД, посебно во Јута, има неверојатни карпи. Немојте никако да пишувате на нив. Овие карпи се формирани во текот на илјадници години и не се нешта на коишто треба да го напишете вашето име“.
„Во Германија не двоумете се дали да прозборите германски. Ние го сакаме тоа! Секој турист кој ќе се осмели да ни постави прашање на германски, дури и ако не го зборува добро, ни го разубавува денот!“
„Во Париз секогаш треба да кажете 'bonjour' кога влегувате во ресторан или продавница, и 'au revoir' кога излегувате. Дури и ако не купите ништо“.
„Швајцарија е многу скапа и треба да сте подготвени на тоа. Немојте да бидете изненадени кога ќе ви побараат 15 долари за сендвич од Subway“.
„Во Јапонија поклонете им се на луѓето кои ви се поклонуваат. Поклонувајте им се на луѓето кои ви прават некоја услуга. Ова е знак за почит. Исто така, соблекувајте ги чевлите кога влегувате во нечиј дом“.
„Кога сте излезени во Ирска со други луѓе, осигурете се дека и вие ќе платите една тура пијачки. Во спротивно, ќе ве гледаат како скржава личност“.