Пијат вода од реки, оброците им ги праќаат по пошта – Пар пешачи 4.800km од Мексико до Канада
Од мај годинава, Рене Милер и Тим Бесинџер патуваат пеш од Мексико до Канада, а нивната авантура ќе трае околу четири месеци, односно до крајот на септември. Тие споделуваат детали од секојдневието на ТикТок, каде што веќе станаа вистинска сензација.
Рене Милер и Тим Бесинџер се пар кој тргнал на возбудлива авантура полна со многу предизвици. Моментално тие се движат пеш по патека во САД позната како Continental Divide Trail, која е долга неверојатни 4.873 километри и планираат да ја изодат целата. Оваа патека почнува од границата на Мексико и САД, а се протега до границата со Канада.
Рене и Милер се 33-годишни Американци кои живеат во Германија и заедно се вљубиле во планинарењето. Тим планинарел со врсници во детството, додека Рене извесен период била спортистка која често правела предизвици за издржливост, пред да се сретнат и да сфатат дека и двајцата уживаат во планинарењето.
Првата заедничка авантура со планинарење ја имале во 2014 година, а штом се вратиле дома, сфатиле дека сакаат уште. Во 2018-та добиле идеја да ја изодат познатата патека во САД што ги поврзува Мексико и Канада и сакале да ја реализираат што е можно побрзо.
По многу планирање и подготовки, тие ја почнале авантурата годинава, а патувањето од Мексико до Канада ќе им трае четири месеци и планираат да стигнат до целта до крајот на септември. Да нагласиме дека парот се движи само пеш.
Пред да тргнат на патувањето, Тим, кој сега е професор, почнал да работи со скратено време за да може да земе подолг одмор од неколку месеци. Рене, пак, си дала отказ. Бидејќи ќе бидат отсутни долг период, тие ги ставиле нивните лични работи во склад и го издаваат станот додека да се вратат.
Парот го споделува необичното искуство на ТикТок, каде што веќе станаа сензација. Досега имаат над милион следбеници, на кои постојано им покажуваат како изгледа нивниот номадски живот.
Во продолжение погледнете како изгледа еден ден на овој пар, низ фотографии:
Секое утро се будат во 6:30 часот и пешачат од утро до мрак. Кога ќе почувствуваат замор и глад, прават кратка пауза за јадење, па потоа веднаш продолжуваат.
Тим и Рене се обидуваат да имаат што е можно покалоричен појадок и дневно внесуваат околу 3.500 калории. Сепак, поради физичкиот напор, и двајцата ослабеле повеќе од 4 килограми од почетокот на патувањето.
Во просек, дневно минуваат околу 48 километри, но велат дека не се форсираат секојпат да ја поминат таа дистанца.
По пат налетуваат на секакви временски услови, во многу краток период – на почетокот имале топли денови, но како што се движат кон север температурите се снижуваат. Парот вели дека еднаш начекале и снежна бура, но и дека временските услови се едно од најтешките нешта.
Секогаш кога ќе наидат на извор или река, ја користат можноста да се освежат. Имено, тие избегнуваат да носат многу вода бидејќи ранците веќе им се доволно тешки, па вистинско уживање е кога ќе налетаат на студен извор. Неретко мораат и да ја филтрираат водата што ја полнат од реки и извори.
Парот обично руча на пладне, а намирници купуваат од градовите и населените места што ги посетуваат по пат. На овие места тие и се тушираат и си ја перат облеката. По ручекот парот одмара за да има енергија за втората половина од денот.
Бидејќи постојано одат на нови места, на Тим и Рене никогаш не им е здодевно. Истовремено, нагласуваат дека уживаат во заедничкото друштво, а ова го прави предизвикот многу полесен. Неретко тие сретнуваат и други луѓе кои одат по патеката – досега сретнале околу 400.
Пред зајдисонце бараат место за кампување и го местат шаторот, а голема предност им е што покрај патеката има многу места за кампување.
Сепак, секојпат кога имаат можност, Тим и Рене сакаат да спијат под ѕвездите, само со вреќа за спиење.
Пред спиење тие имаат обилна вечера. Пред патувањето тие подготвиле околу 100 дехидрирани оброци, богати со јаглехидрати и протеини. Интересно е што тие не ги носат оброците со нив, туку мајката на Рене одвреме-навреме им ги испраќа по брза пошта. Следното утро се подготвени за новиот ден.
Парот вели дека е пресреќен од патувањето и дека двајцата се чувствуваат одлично.
„Многу е едноставно. Слободни сме да мислиме на што и да сакаме, а нашата единствена грижа е каде ќе го најдеме следниот извор со вода. Едноставноста на ова патување е изненадувачка и исполнувачка. Секој ден се чувствуваме како да сме си ја исполниле целта и можеме да си кажеме: ’Да, ги изодeвме денешните километри. Јадевме. Сега можеме да спиеме'“, вели парот.
Спирова С. | Црнобело