Ивана од Скопје: „Го посетив Портофино - не беше магично како на Инстаграм“
Конечно го посетив овој италијански бисер. Бев премногу возбудена си ги замислував разнобојните куќи, тесните улички со стара калдрма и малото пристаниште полно со јахти и бродчиња, сè што гледав на Инстаграм... Но, зошто реалноста ме разочара?
Верувам дека сите сме имале еден од оние моменти кога реалноста ни удира силна шлаканица и со тоа ги руши сите наши очекувања, желби и надежи.
Понекогаш водени од приказните што сме ги прочитале на интернет, од фотографиите на Пинтерест и Инстаграм, разубавени со многу филтри, си креираме нереални очекувања, бајковити пејзажи и магични моменти.
Јас таква шлаканица од реалноста добив во италијанското гратче Портофино, за кое бев убедена дека е магично, разнобојно и бајковито, баш како што го гледав на Инстаграм.
За Портофино, бисерот на италијанската ривера, прочитав во една статија за најразнобојните градови во светот и ме освоија фотографиите, па веднаш го запишав на мојата листа на посетување.
Конечно го посетив во 2019 година кратко пред светската пандемија. Бев премногу возбудена, си ги замислував разнобојните куќи, тесните улички со стара калдрма и малото пристаниште полно со јахти и бротчиња.
Очекував експлозија од бои и стара архитектура, вистинска италијанска идила преплетена со рибарски шарм и балкони полни со саксии цвеќе.
Бидејќи работев на брод, појдовме со екскурзија организирана од компанијата, од Џенова до Санта Маргарита Лигуре со автобус, а потоа со фери брод.
Патувањето беше долго, но пријатно, бидејќи Италија е живописна и нуди пејзажи како насликани од врвни уметници.
При влезот на пристаништето се наѕираат шарените куќи, по кои ова место е познато. Портофино некогаш било мало рибарско село, а денес е една од најмондеските дестинации за светскиот џет-сет кои доаѓаат тука со своите јахти за да уживаат на ручек или шопинг, и двете со високи цени.
За Портофино слушав дека е едно од најубавите места на италијанската ревиера, со погледи кои оставаат без здив и стара, шарена и шарматна архитектура.
Но, едно големо но, ова мало место е убаво, но не и магично, а шарените бои се одамна избледени.
Има неколку тесни улички, накитени со многу продавници од најпознатите брендови со астрономски цени, мали барови и ресторани каде ручек бил една просечна македонска плата, а го нема тој познат италијански шарм.
За мене, италијанскиот шарм е во неговата едноставност, мала шолја еспресо или ладно бело вино, паста со доматен сос, бели чаршафи и свежи цвеќиња, мирис на лаванда и рузмарин.