„Бев на тура низ скриените убавини на Малешевијата – традиционален појадок, посета на пчелар, легенди за пород“

Кога некое патување ќе стане традиција, тогаш не постои изговор што ќе те спречи да се придружиш на екипата со која е предвидено да поминеш еден викенд заедно. Токму таков пример е четвртата Инстаграм тура низ брегалничкиот регион во Македонија.

koga-maleshevijata-povikuva-tura-niz-skrieni-ubavini-na-makedonija-01.jpg

Како и од самиот почеток, турата е дел од Програмата за зачувување на природата на Швајцарска агенција за развој и соработка, координирана од „Фармахем“ од Скопје.

Овие два дена ни беше претставена биолошката разновидност и природните екосистеми што постојат кај нас за кои ако сакаме да им го продолжиме животниот век мора одржливо да се управуваат и користат.

Тоа саботно утро, нешто пред шест часот наутро, околу петнаесеттина луѓе се собравме пред „Борис Трајковски“ на паркингот кај базенот, радосни што после долго време се гледаме едни со други. Ентузијастички настроени спрема она што нè чека, се упативме кон селото Негрево.

koga maleshevijata povikuva tura niz skrieni ubavini na makedonija 9

Првата дестинација ни беше Едукативниот центар за зачувување на природата, сместен во стара училишна зграда, чие реновирање започна во 2017 година.

Во дворот, нè пречека маса со појадок: од ајвар, мекици и домашно сиренце до сок од малини и бозел.

koga maleshevijata povikuva tura niz skrieni ubavini na makedonija 1

Веднаш потоа, пред официјално да започне денот, направивме тура низ едукативниот центар каде на еден современ и интерактивен начин на нас, како и на сите други посетители, им се доближи биолошката разновидност на брегалничкиот слив.

koga-maleshevijata-povikuva-tura-niz-skrieni-ubavini-na-makedonija.jpg

Во просториите на Едукативниот центар за зачувување на природата се сретнавме со растителна агробиолошка разновидност и збирка на фосили, со хербариум и инсектариум каде можевме да се задлабочиме во карактеристичната флора и фауна на регионот, а исто така се запознавме и со најкарактеристичните видови на живеалишта и ретки растителни и животински видови.

koga maleshevijata povikuva tura niz skrieni ubavini na makedonija 4

Кога веќе се качивме во теренските возила и зад себе го оставивме Едукативниот центар, следната точка за посета беше Јудови Ливади.

koga maleshevijata povikuva tura niz skrieni ubavini na makedonija 5

Сите со нетрпение чекавме да застанеме на почвата која е создадена од голема количина на мртви растителна материја и да го лоцираме инсектојадното растение – округлолисна муволовка, која може да се најде на оваа територија на Македонија.

koga maleshevijata povikuva tura niz skrieni ubavini na makedonija 6

Имавме доволно време да ја набљудуваме светлоцрвената боја на муволовката и нејзиното хранење со инсекти и кога времето ни даде до знаење дека треба да продолжиме, застанавме на уникатниот еко систем, Еленско Блато и се одвезовме до Трешчен Камен.

BeFunky collage 1

Некаде околу 14 часот се најдовме на Кадиица, највисок врв на планината Влаина, а токму таму се наоѓа македонско-бугарска граница и простран поглед, кој едноставно те вкопува во место и не ти дозволува да мрднеш.

Секако дека сакавме да останеме уште некое време на таа надморска височина, која достигаше скоро две илјади метри, но едноставно моравме да продолжиме со агендата.

BeFunky collage

Од тука продолживме до Вртена Скала, интересна карпеста форма каде во средишниот дел има тесен отвор. За ова место, еден од водичите на групата ни ја раскажа легендата.

Се верува дека жените кои ќе поминат низ отворот ќе добијат пород, и таму можеше да се забележат различни дарови, кои биле оставани од посетители.

Од тука, по течението на Пехчевска река пешачевме 6 километри во насока на Пехчево и патот нè одведе до пчеларникот на Благојче Божановски, кој освен што нè пречека со ручек, истовремено нè запозна и со „Меден Исток“, здружение на пчелари од Брегалничкиот Регион кои функционираат преку одржлив концепт на плечарење.

Дури и додека го пишувам текстот, сè уште го чувствувам вкусот на колачите од орев и мед, кои беа меѓу највкусните слатки што ги имам пробано до сега, секако скоро на исто рамниште со Бабина торта, која ја јадевме по неколку часа откако се сместивме во хотелот.

koga maleshevijata povikuva tura niz skrieni ubavini na makedonija 7

Следниот ден беше резервиран за порелаксирана тура за разлика од претходниот ден. Откако појадувавме, со комбе се одвезовме до граничниот премин Клепало и се препуштивме на пешачење.

Пределот ни овозможи да си набереме различни билки и чаеви кои растеа наоколу, а ливадата со кантарион целиот свет го обои во жолта боја. Во непосредна близина се спуштивме и до еден редок барски еко-систем каде живеат дури 27 видови на вилински коњчиња.

koga maleshevijata povikuva tura niz skrieni ubavini na makedonija 10

Додека да трепнеме, дојде време за ручек, а знаевме дека бачилото Панковци на Клепало ќе нè угостеше. Штом влеговме во дворот, налетавме на стрик, а на масите поставени во дворот нè чекаше домашно сиренце и кашкавал, селско месо и вкусен сок од вишни.

Временската прогноза покажуваше дека ќе врне, но ние потајно се надевавме дека тоа немаше да се случи. Прошетавме околу Беровски езеро и како за крај бевме дел од офф-роуд тура со велосипеди.

Тоа дефинитивно на сите од групата беше еден од најинтересните моменти од целата тура. Стана уште позанимливо кога почна да грми и да паѓа дожд, а секој од нас се трудеше што поскоро да стигне да крајната цел и на тој начин да стави крај на оваа тура.

koga maleshevijata povikuva tura niz skrieni ubavini na makedonija 3

Пред да тргнеме за Скопје, се почестивме со кафе во Берово и споделувајќи си ги импресиите си дадовме ветување дека наскоро повторно се гледаме во некој авантуристички фазон.

Автор: Е. Х. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ова е Македонија: Караџица е како сцена од есенска бајка (фото) Караџица периодов е обоена во најубавите есенски тонови и буквално изгледа како ...
Места во Македонија кои ми недостигаат: Селото во кое израснав, манастирот кој ми носи мир Кога подолго време не живееш во родната земја често ќе се најдеш во ситуацијата ...
Морничави замоци низ Европа кои се верува дека се „опседнати“ (и можете да ги посетите) Натприродни појави, сенки, морничави гласови – ова се само дел од работите што н...
„Бев во два живописни града во Романија, патував 8 часа со автобус од Скопје – цените беа исти како ... „Прошетките по живописните улички на Темишвар и Сибиу, скромната невеста што поз...
7 причини зошто уште веднаш да се спакувате и да го посетите Лисабон Ќе се вратите низ времето со ретро трамвајот број 28, но и ќе ги вкусите најдобр...
Уличната уметност и шармантните мурали низ улиците на Брисел Сакам да ве прашам нешто. Дали сте љубители на улична уметност?  Сакам д...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg