„Едвај се разбудив, ама сонцето ме натера да одам до с. Папрадиште и Богомила – патот беше малку лош, но вредеше“
Ми се смачи од зимското сивило. Кога сонцето се распука на хоризонтот, а температурата се искачи над 10 степени знаев дека мора да излезам од монотоното секојдневје. Тоа неделно утро, алармот колку и да ѕвонеше, едвај ме разбуди. По работната недела и извршените обврски ми требаше уште сон за да можам нормално да функционирам. Се двоумев, но штом ги забележав сончевите зраци како се пробиваат низ прозорецот знаев дека мора да тргнам на ова кратко патување.
Ранецот ми беше спакуван уште претходниот ден. Требаше само да се облечам и да излезам. Откако еден дел од групата откажа во последен момент, јас и уште тројца пријатели се упативме кон областа Азот, поточно во селото Папрадиште. По толку многу пофални зборови од страна на еден другар, штом слегов од автомобилот имав чувство дека се враќам на место каде што претходно сум бил. Да. Има асфалтиран пат, но последните неколку километри се навистина лоши.
Папрадиште се наоѓа на речиси 1 000 метри надморска височина, на планината Даутица. Селото се поврзува со приказната за Мијаците, а името го добило според изобилството на папрат. Слободно можам да го вбројам како едно од најубавите села во Македонија.
Благодарение на планинарскиот дом „Папрадиште“, многу авантуристи отседнуваат во текот на цела година. Уште немам престојувано таму, но знам дека ќе го направам тоа во следниот период. И така сакам да одам до Чеплес и Солунска Глава, па овој планинарски дом ќе ми послужи како попатна станица.
По неколку часовно пешачење низ Даутица, извалкани се вративме во дворот на планинарскиот дом. Снегот се топеше и сè беше калливо. Седнавме на дрвените клупи и решивме да јадеме. Од дома си понесов пилешко месо и краставица, та додека телото ми се полнеше со енергија со сета сласт се потсетив на спомените од времето кога акав низ Европа. Многу ми фалат тие мигови!
Потоа, се сложивме на враќање да застанеме и до Богомила. Селото се наоѓа на половина пат помеѓу Скопје и Битола и претставува важна железничка станица во областа Азот.
Ако ништо друго, барем се сеќавам дека дедо ми мѝ има раскажувано дека името на селото потекнува од личното име Богомил и се поврзува со богомилството – општествено и религиозно дуалистичко учење и движење на теоријата на Македонија и пошироко. Основоположник на ова движење бил попот Богомил, а неговите приврзаници биле нарекувани богомили, кои учеле дека постојат два бога. Од тука Господ го поврзувале со духовниот свет, а Ѓаволот со материјалниот…
Посебно внимание ми остави Стариот камен мост, иако е оштетен и со нарушена стабилност. Веднаш до него има изградено нов мост, кој служи на тешките товарни возила да поминуваат од една до друга страна.
Тука би ја завршил оваа кратка авантура, до некое следно видување. Ако имате желба, слободно ви ги препорачувам селата Папрадиште и Богомила, како дестинации што освен што ќе ве напојат со нивната убавина и ќе ве прочистат.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело