Евгениј Хоуп: „Мароко, Исланд, Казахстан... Зошто ми се на врвот на листата за патувања и што прво да посетам?“
2021 година е речиси при крај, а сите сè уште го чекаме моментот кога границите на сите земји во светот ќе може да се поминат без рестрикции. Денот кога ќе се разбудиме и ќе сфатиме дека овој глобален кошмар завршил. Готово. Може слободно да се движиме, да се препуштиме на моментот и да се ослободиме од внатрешните стеги и стравови што пандемијата ги предизвика во нас.
Иако беше тежок период, потајно сите во главата си мозгавме планови за некои идни патувања. Дестинации кои пред година и пол требаше да бидат посетени, но поради ковидот и рестрикциите останаа напишани на лист хартија и како желби сè уште постојат во нас.
Сега дојде период кога колку-толку повторно можеме на грб да го нарамиме ранецот и да се стопиме со светот.
На врвот на списокот ми се наоѓа Мароко. Бев подготвен да одам во лето 2019, но вадењето виза во Софија и благата неизвесност како да ме пишмани во последен момент, па се одлучив да ги посетам Израел и Јордан.
Одамна имав желба да одам таму, но разговорот со Вирџинија, една моја познаничка и фактот дека Мароко ѝ ги надминал очекувања уште повеќе ја засили желбата да ја посетам оваа држава во Африка.
Можам да се замислам како шетам низ Маракеш, поминувајќи ги црвените ѕидови и градби, мозаици, палати, шетајќи низ тесните улички со колоритни продавници за зачини, чаеви, накит…
Ќе се посетат и Казабланка и Рабат, а Шефшауен – Синиот Град не смее да се одмине.
Друга посакувана дестинација ми е Исланд со сета невина природа што постои на островот.
Уште додека бев во средно школо, во Куманово запознав двајца волонтери од Рејкјавик кои престојуваа неколку месеци во мојот град.
Потоа разговарав и со многу луѓе кои ја имаат посетено оваа островска дестинација, меѓу кои и моите две сограѓанки, Меланија и Елена кои доживеале културен шок за време на нивниот престој...
Знам дека секоја локација на островот си има посебна убавина, но Сината Лагуна, Националниот парк Тингветлир, долината Хаукадалур позната по своите гејзери се само дел од она што сакам да го видам со сопствени очи.
И се надевам дека Исланд ќе го посетам во период кога ќе налетам на чудото на природата, аурора бореалис.
Мојот прв кауч-сурфинг гостин патуваше низ светот и неколку недели пред да дојде кај мене бил во Казахстан.
Од тогаш оваа држава ми стои на списокот на дестинации што сакам да ги посетам.
Кога ми покажа фотографии од кристално синото езеро Кајнди, кое се наоѓа во планинскиот масив Тиан Шан знаев дека моите стапала мора да стапнат таму некој ден.
Имам чувство дека посетата на Нур-Султан, главниот град на Казахстан само по себе ќе претставува одлична авантура и искуство.
Ќе ми биде предизвик да научам некој збор од необичниот јазик што се зборува таму и да го пробам вареното овчо месо, медот и кавијарот.
И сигурно ќе се вратам дома со играчката Bal-bala, нивниот национален бренд.
Лани за малку ќе купев билет за Грузија, но коронава ми ги смени сите планови. Требаше да летам до главниот и најголемиот град Тбилиси и од таму да започне патувањето од недела дена.
Имам информации дека тоа е град кој никогаш не спие, како и многу други. После сè имам уште посилна желба да ја посетам ова држава која излегува на Црното Море, каде не можеш да одолееш на традиционалното вино.
Тука се и градовите Зугдиди и пристанишниот град Батуми, кои планирам да ги посетам.
Како и да е, да се надеваме дека светот ќе си го врати стариот лик, а ние ќе може да се препуштиме на она што нè исполнуваше и од кое духовно растевме.
А, кое место од оваа листа ќе го посетам прво? Ќе дознаете наскоро...
Автор: Е. Х | Црнобело / фото: depositphotos.com / pexels.com