Топ дестинации во Македонија каде можете да патувате оваа есен (Прв дел)
Бонус е што хотелите и апартманите на секоја од овие дестинации нудат попусти во текот на септември и октомври, како и можност да ги искористите ваучерите за туризам.
Не постои човек кој нема желба да патува и да открива. Глобалната пандемија ги затвори границите, но бидејќи секогаш сакаме да гледаме на позитивната страна на нештата, овој момент го гледаме како шанса да патуваме и да си поминеме убаво низ Македонија. Нашата земја нуди безброј убавини и места на кои можете да создадете нови спомени, а ние се потрудивме да направиме краток водич за да ве инспирираме за вашето следно патување.
Галичник
Според зборовите на познатиот сликар Нове Франговски, ако Охрид е бисерот на Македонија, тогаш Галичник е дијамантот! Со своите восхитувачки пејсажи, природна убавина и богато културно наследство се вбројува меѓу најатрактивните дестинации во Македонија.
Тука можете вистински да се препуштите на природата, да се напиете кристално чиста изворска вода од десетиците чешми, да посетите дел од црквите и музеите и да се запознаете со традицијата или да уживате во неверојатните галички специјалитети. Галичкото овчо сирење и кашкавал се веќе препознатлив бренд и надвор од границите на Македонија, а топло препорачуваме да пробате и традиционално печено јагнешко месо.
Веруваме дека особен впечаток ќе ви остави и автентичната архитектура, а додека сте таму, можете да ги посетите и куќите во кои дел од животот поминале познати македонски преродбеници како Ѓорѓија Пулевски, Партенија Зографски, Панајот Гиноски и др.
Fun Fact: Несекојдневен начин да се запознаете со убавините на целиот предел е да закажете тура со јавање коњи.
Сместување со попуст во Галичник.
Кожуф
Ако сакате вистинска планинска идила, планината Кожуф е една од најдобрите дестинации. Како една од 13-те планини во Македонија со надморска височина поголема од 2.000 метри, Кожуф се одликува со застапеност на голем број на планински извори, од кои повеќето имаат минерален карактер. На надморска височина од 850 метри се наоѓа познатиот минерален извор Смрдлива Вода од каде извира минерална вода со специфичен мирис и лековити својства. Оваа вода има благородно дејство во лекување на заболувања кај желудникот и бубрезите.
Fun Fact: Планината Кожуф има дури 8 (осум) планински врвови со надморска височина над 2.000 метри: Зелен Брег (2166), Пиново (2156) во Грција, Дудица (2132), Порта (2112), Морето или К-92 (2102), Ѕена (2065) во Грција, Марково Езеро (2035) и Мала Рупа (2004). Пристапот до планината е возможен од два правци - од Кавадарци и од Гевгелија.
Сместување со попуст на Кожуф. Сместување со попуст во Гевгелија.
Дебарски бањи
Веруваме дека повеќето од вас не знаеле дека во пределот на Дебар се наоѓаат едни од најпознатите термоминерални извори во Европа! Според истражувањата направени во 70-тите години, водата која извира во дебарските бањи според минералноста и лековитоста се наоѓа на прво место во Европа и на трето место во светот! Поради идеалната температура, водата овде не се лади, ниту се догрева, а со тоа останува многу богата со негативни јони со што спаѓа во категоријата „Alive Waters“ или води кои „даруваат живот“. Според историските податоци, најстарите бањи во овој предел биле изградени уште во далечната 1797 година!
Дебар е вистинската дестинација доколку сакате комплетен одмор и „ресет“ на организмот и биоритамот.
Fun Fact: Лоцирана на половина пат меѓу Дебар и бањата Косоврасти, се наоѓа Кристалната пештера, која е една од две вакви пештери во целиот свет. Во неа може да се најде и види уникатниот кристал – селенит кој освен на ова место го има само уште во Мексико! Пештерата е своевидно геолошко чудо.
Сместување со попуст во Дебарски бањи.
Берово
Сигурно сте слушнале дека Берово и околината претставуваат најголемата природна воздушна бања во Македонија. Токму затоа, регенерацијата на човековиот организам во Берово се случува многу побрзо отколку на други места. Пределот се одликува со долга традиција, недопрена природа и можност да вкусите од прочуените малешевски специјалитети. Беровското сирење, природен мед, чаеви и познатата малешевска ракија се нештата на кои морате да им дадете шанса.
Fun Fact: Според официјални податоци, Берово и околината се одликуваат со најголема концентрација на кислород во воздухот на Балканот!
Сместување со попуст во Берово.
Маврово
Ниту една листа на живописни планински предели не може да биде комплетна без Маврово! Самиот податок дека ова е најголемиот Национален парк во Македонија говори доволно за убавината и посебноста на пределот. Целиот регион околу Мавровското езеро нуди можност за бескрајни и секогаш забавни прошетки, природата е импозантна во секој период од годината. Не ја пропуштајте можноста да се фотографирате кај старата селска црква „Свети Никола“, што летно време се наоѓа на суво, а во зима како да плови по езерото, пркосејќи ѝ на човечката интервенција. Кога сте во Маврово, можете и да се прошетате до манастирот „Свети Јован Бигорски“, најрепрезентативниот споменик на архитектонско-уметничкото наследство на регионот.
Fun Fact: Националниот парк Маврово е „домаќин“ на дури 42 ендемски видови на флора и фауна.
Сместување со попуст во Маврово.