Дестинација Дојран: највкусната храна е во „Фук-Так“ - вистинска домаќинска куќа со традиција
Не постои некој кој бил во Дојран, а не ги пробал вкусните специјалитети во ресторанот „Фук-Так“. Ова е едно од најпрепознатливите места во нашата земја познато по својата совршено вкусна храна и пријатна атмосфера.
Ресторан во кој секогаш се бара место повеќе.
Она што задолжително мора да го пробате покрај стандардните специјалитети, новина во „Фук-Так“ е чипсот од крап кој веруваме дека ќе стане ваше омилено мезе.
Уши од крап, ражничи од сом, ајвар од икра...
Ова место го изградил дедо Туше, во далечната 1884 година, како прв објект од таков вид околу Дојранското езеро. Легендата вели дека дедо Туше името Фук-так, на ова место со душа, му го дал според звуците на локомотивата од возот на линијата Цариград- Солун, по кој дедо Туше заедно со своите врсници трчал кога возот поминувал низ Гевгелиската железничка станица, а кој тогаш му звучел како: фук-так, фук-так, фук-так.
Истиот воз со кој дедо Туше години подоцна ќе замине во белиот свет. Оваа приказна може да ја прочитате и во менито на „Фук-Так“:
„Ти, што во моментов го читаш ова, знај дека седиш во домаќинска куќа. Во гостилница направена со труд, крв, пот, солзи, песни...и многу љубов. Вратите ти се секогаш ширум отворени. Ако сѐ уште се мислиш што да нарачаш, еве ти предлог. Во мое време тоа одеше вака: ракија, салата, чорба, икра, риба...па вино.
И додека ја чекаш нарачката, само да знаеш...местото на кое седиш е истото она на кое седел нашиот Гоце Делчев, другарот Тито, Ѓорѓи Абаџиев, Антон Панов, Блаже Конески, Никола Бадев, Петре Прличко, Илија Џаџев, Симеон Гугуловски, Петранка Костадинова, Васка Илиева, Мите Грозданов, Ристо Шишков, Гане Тодоровски, Анте Попоски, Љубен Ташкоски... цела плејада министри, амбасадори, претседатели, лекари, академици, професори... кои живееле, живеат, или барем еднаш ја посетиле Македонија.
Тука се напишани многу од песните што сте ги пееле, книгите што сте ги прочитале, или големите мисли кои некаде сте ги слушнале.
Тука се прославени многу свадби, неколку разводи, родендени, имендени, крштевки, слави и матури.
Тука се отворале фестивали и се затворале семинари.
Тука се родиле многу љубови.
Тука живее едно цело семејство познати актери, занесени гости, пензионирани политичари, музичари и музиканти, локални боеми, залутани туристи и патници-намерници...и сите вљубени во звуците од моето детство: фук-так, фук-так, фук-так...
Опушти се и уживај...
Поздрав...дедо Туше...“
Ресторанот за оваа сезона е комплетно реновиран сега и со посебно катче за најмалите посетители.