Како да организирате незаборавно патување во Македонија и што да посетите?
Свесни ли сме дека во Македонија има еден куп интересни локалитети за кои не знаеме дека постојат?
Секогаш бараме различни изговори да заминеме надвор од границите на државата, без претходно да ѝ дадеме шанса да ја истражиме. Ама онака детално, внимателно, зошто најубавите работи во животот никогаш не се видливи од прв пат.
Во друштво патувањето секогаш е позабавно, ако ништо друго, барем да се има уште еден сопатник за да имаш со кого да размениш збор-два. Запалете автомобил, напикајте се во автобус или воз и истражете ја Македонија.
Ова е она класично движење, но ако сакаш авантуристички да се надразниш тогаш препуштете се на автостоп. Пред неколку недели после толку време решив да се размрдам со автостоп патување и тоа во Македонија. Имав потреба од такво освежување.
Многумина беа скептици и не веруваа дека ќе најдам превоз, но после три-четири часа стигнав до посакуваната дестинација, а тоа беше Дојран. Е ова е најважно. Додека стопирав ме качи еден пар кои со нивното комбе патуваа од Финска до Кенија.
Работеа на проект, кој имаше за цел да ги освести луѓето за тешката ситуација на децата во Кенија, посебно на злоупотребуваните девојчиња. Збор ми беше дека со автостоп можеш да запознаеш навистина инспиративни луѓе, кои буквално можат да ти го сменат погледот на светот.
Ако сте од оние ретките на кои адреналинот им претставува врвно исполнување, тогаш во близина на Пехчево има едно место специјално за вас. Станува збор за Адреналинска патека, која заедно со zip-линијата претставува структура од јажиња и висечки сајли во густа шума. Ова со сигурност е место за сите авантуристи и оние кои сакаат да ги надминат стравовите.
А, на само 2 километри од Пехчево, во друга насока се наоѓаат Јудовите ливади. Знам, звучи необично, но вреди да се посети, посебно што токму таму, во тие тресишта и влажни ливади може да се најде инсектојадо растение drosera rotundifolia. Муволовката, народски кажано, има светлоцрвена боја и трепкички со кои лови инсекти.
Не е лоша идеја да се намине и до Дојран. Свесни сме дека заврши годинешното издание на Д-Фестивал, кое ги надмина сите очекувања на посетителите, барем мене тој викенд ми беше посебен на свој начин.
Тоа беа денови пропратени со дружба, нови познанства, квалитетна музика, многу рум и бургери, ама не вегански. Ќе го додадам и капењето во Дојранското езеро и здодевните алги, бавното служење на вработените во локалните ресторани, кампувањето и разноличности што беа составен дел од фестивалот.
Токму таму, на паркингот на Гранит се наоѓа еден хипи-автобус, кој за време на фестивалот служи како билетара. Во останатите денови од годината, автобусот самува, соочувајќи се со забот на времето.
Додека се моткав околу него, си направив филм дека автобусот е мој и со истиот се подготвувам да заминам на патување низ свето. Доста е. Уште повеќе ќе ми потечат лиги ако продолжам да пишувам за моите roadtrip желби.
Нема да претерувам многу, ќе сочувам материјал за да напишам уште некоја статија понатаму. Претпоставувам дека имате слушнато за Лесновската купа, за еден од најпознатите згаснати вулкани во Македонија, па може да се каже, и пошироко, кој пред 20-30 милиони години постоел во западниот дел на Осоговските Планини.
Тука има и лавиринтски пештери настанати од човечка рака, каде мештаните изработувале воденички камења од вулкански карпи. И секако, останува и Лесновскиот манастир, посветен на св. Арахангел Михаил и св. Гаврил на оддалеченост од еден километар од пештерите.
Звучи добро, зар не?
Мислам дека во никој случај нема да погрешите ако се препуштите на едно слично доживување на Македонија.
Не мора да поминете сé во еден ден, но имајте предвид дека ве очекуваат незаборавни моменти, каде за миг ќе ја заборавите територијалната именуваност и ќе се сплотите со овој хронотоп на убавина и природа, која само освежува, но не каса.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело