Сетубал - еден посебен свет, едно посебно доживување
Печашење по заливи секогаш буди пријатни чувства, посебно ако знаеш дека се наоѓаш во близина на Атлантскиот Океан и реката Саду.
Многумина ќе речат дека Сетубал е мало португалско гратче, но и тоа како има што да понуди. На само 50 километри од Лисабон се наоѓа градот опкружен со планина, плажи со ситен песок, историски споменици и гастрономски деликатеси.
Мојот престој од неколку дена не ми дозволи, а да не го почувствувам шармот и мистеријата што се провлекуваат низ градот, како и изблиците на среќа што ми овозможија незаборавни мигови.
Една олеснителна околност е тоа што Сетубал има одлична транспортна поврзаност со Лисабон па го олеснува патувањето.
Кога ќе се најдете низ улиците на Сетубал ќе забележите дека зад секој агол се наоѓа културно обележје: палати, музеи, цркви и фонтани кои зборуваат за една богата историја што ја носи овој град.
Пристаништето во Сетубал, кое постои уште во 15 век ми овозможи интересно доживување, замислувајќи пиратски бродови како пловат пред моите очи.
Од друга страна, тврдината Sao Filipe ми понуди простран поглед од кој морав да го задржам здивот подолго време додека да ја „сварам“ убавината што се простираше пред мене.
Трансформирано низ годините, оваа место на височина е едно од најпознатите туристички одредници во регионот и одава атмосфера слична на онаа од Game of Thrones.
Но, оние кои сакаат да најдат луксузен кварт тогаш со фериброд треба да се префрлат до Peninsula de Troia, каде се наоѓаат новоизградени хотели и чии плажи можат да те спроведат до Атланскиот Океан.
Она што мене најмногу ми остави впечаток е природниот ресорт, отворен во 1980 година и кој покрива 23 илјади хектари.
Интересно е тоа што токму оваа водена површина е најголема во Портулагија, а трета во цела Европа каде можат да се најдат делфини. И не само тоа, Sado’s Estuary Natural Reserve е важен екосистем каде што можат да се најдат уште илјада други видови на животни.
Нема ништо поубаво од возење во брод, гледање на синевината на океанот и уживање во погледот на делфините. Овој препородувачки миг како никогаш порано ме освести за животинскиот свет што постои помеѓу нас.
За крај секогаш ја оставам храната, зошто сите знаеме да уживаме во неа. Кога си во Сетубал ќе јадеш риби, риби и само риби.
Без разлика дали си во ресторан или на пазар, секогаш можеш да најдеш свежа, штотуку извадена од океан риба, октопод или рак. Вкусно подготвено и измешано со бело вино е комбинација од која ќе си ги излижеш прстите.
Португалија ми стана една од омилените дестинации во Европа, и токму нејзината убавина не ми дозволува да се одделам од неа, затоа што знам дека секогаш има нешто ново да ми понуди.
Автор: Е. Х. | Црнобело