Мојот престој во храм на Кришна: „Молзев крави и се грижев за градината“
По двонеделно талкање низ автопатите низ Холандија и Белгија, конечно отседнав десетина дена на едно место.
Благодарение на интернет платформата www.workaway.info успеав да најдам сместување за подолг временски период во замокот Радхадеш, посветен на богот Кришна. Целта на оваа интернет страница е да ги поврзе светските патници и жедните авантуристи со семејства и организации, кај кои со неколкучасовна работа ќе добијат бесплатно сместување и храна.
Дента сѐ ми одеше од рака. Луѓето без противење и со посебно расположение ме префрлаа на кратки релации.
Крајниот превозник, полничок младич, кој студираше медицина, ме качи на десетина километри од храмот на Кришна, чии корени потекнуваат дури од 11-иот век. За време на Првата светска војна, семејството Вауха замокот го користело како болница.
Кога неколку куќи од селото Петит Соме биле уништени, селаните нашле засолниште во обемниот објект. Втората светска војна на замокот му приредила окупација од американски војници. Неколку непредвидливи години оставиле простор да кружат секакви приказни за ова необично место, сместено длабоко во шума. Во 1979 година замокот е купен и реновиран од страна на ISKCON (The International Society for Krishna Consciousness).
Натоварен, разгледував и си помислив ако фотографиите од замокот прикажани на монитор изгледаат вчудовидувачки, тогаш она што го гледав пред себе изгледаше надреално. Претходно во животот немав помислено дека ќе се најдам на слично опојно место, како што беше оваа локација.
Бев сместен на мансарда во еден од поново изградените објекти веднаш до храмот. Спиев на душек со вреќа за спиење покрај мене, која никогаш не ја искористив, затоа што беше пеколно жешко.
Живеев со уште неколку мажи, нови членови на движењето кои поминуваа низ процес на иницијација. Во просторијата беше задушливо, воздухот поседуваше жешка нишка и мирисаше на старост.
Имав обврска секое утро да ги молзам кравите со уште еден претставник од заедницата, а во вечерните часови да се грижам за градината.
Очекував да наидам на неколку хектари плодно земјиште, мислев дека со конкретната градина се прехранува најголемиот дел од спиритуалната заедница, а она што беше одгледувано претставуваше избор од по неколку коренчиња од секаков вид зеленчук, како и јагоди, малини и рибизли во мали количини.
Пространиот шатор во задниот дел од дворот претставуваше менза. Појадокот се служеше во 9.30 часот а ручекот во 13:30. Навистина рано ручаа, па ние во Македонија не седнуваме на трпеза пред 15 или 16 часот.
Класична вечера немаше. Од 17 до 21 часот пристигнуваше по малку храна од ресторанот и пекарницата, кои беа во склоп на заедницата и секако свежо сварено млеко.
Бев заинтересиран да дознам повеќе за животот на ова заедница во која живеат над стотина луѓе. Ми рекоа дека е забрането јадење на месо, риба и јајца, користење опојни средства, алкохол, цигари и кафе. Потенцираа дека строго е забрането земање учество во коцка и во какви било вонбрачни полови односи.
Восприемањето на листата ме натера да си помислам колку здодевно живеат луѓето тука.
Сите беа целосно посветени на вредностите што ги следеа. Чистотата на умот, телото и духот им беше есенцијалното нешто кое што се трудеа да го достигнат, заедно со милоста спрема луѓето.
Беа отворени да им помагаат на другите на материјално и духовно рамниште. Се стремеа да го добијат само она што навистина им е потребно, и да живеат во складност со она што го поседуваат.
Жените што престојуваа во храмот носеа сари, а мажите доти. Во мојот случај не беше така, јас на себе имав обична еднобојна маичка и шорцеви.
Оженетите мажи носеа бело, а неоженетите портокалово доти. Мажите кои живееја како монаси, ги бричеа главите и одзади оставаа прамен коса – сикха во знак на Кришновата посветеност од една страна и чистотата и едноставноста од другата.
Зад врзулчето коса се криеше Божјото прифаќање како личност, а не како безлична сила. Знакот од глина на челото означуваше дека телото е Божји храм.
Имаат богата кулинарска традиција. Храната им е навистина важна и сите се вегетаријанци. Така што и јас морав да се навикнам на нивниот начин на живот. Искрено, ми годеше.
За време на престојот се дружев со жителите и посетителите, кои ми открија дека во нивното движење постојат два принципи: да нема насилство и да му служат на Кришна. Сметаа дека умешноста на вистински начин да му служат на Бог и истовремено да ја оживеат недоискажаната љубов спрема Него, ќе ги одведе во духовен свет, недостапен за човековиот разум, во кој вечно ќе постојат со единствениот Бог.
Нивниот, веќе дефиниран духовен идентитет, самоосознавањето и нивната свесност ќе ги воздигнат над ограничувањата поставени од материјата, и воедно ќе ги ослободат од кружницата на раѓањето и смртта.
Медитацијата за нив претставува еден вид порта до духовниот свет. Мантрите, кои претставуваат песни со сакрална звучност се нивните комплементарни водичи до воспоставување на однос со Бога, а истовремено и да се постигне духовна слобода и да се исполни со мир и хармонија на ментално, емоционално и физичко ниво.
Ми открија дека маха-мантрата е составена само од три имиња, кои зад себе криеја моќно значење. Духовната звучна вибрација ја препородува човековата свесност и ја буди заспаната љубов спрема Бога.
„Харе“, како прво име од мантрата, се однесува на Господовата енергија. „Кришна“, го претставува изворното Господово име, воедно отсликувајќи го семоќниот и сепривлечниот облик што го поседува. Третото име, „Рама“, или друго Господово име го означува постоењето на сето задоволство.
Утринските часови се најсоодветни за медитација, зошто нудат мир и концентрација. Многу од жителите на заедницата си легнуваат околу десет часот навечер за да можат да станат около пет изутрина и изолирани во своите простории со часови да ги повторуваат мантрите. Во секој случај, кажувањето на мантрите може да се практикува секаде и во секое време.
Секојдневно имаше предавање од разни познавачи на спиритуалниот живот и мистицизмот, каде преку разни дискусии пробуваа да ги соголат загадочните и несфатливи проблематики за човековиот ум.
Дружбата и запознавање на луѓе со сосема различен поглед на свет ми вдахна инспирација да се посветам повеќе на себеси како поединец и единка како дел од целокупното постоење на формата и обликот. Тоа беа незаборавни денови кои гласно шепотеа за суштински животни ентитети и ловеа една иста работа само со различно лице.
На крај сите сфаќаме дека сме исти и имаме потреба од несебична љубов и неограничена потреба да се преиспитаме себеси.
Автор: Евгениј Хоуп | Црнобело