Страшни земји што треба да се посетат (2 дел)
Следејќи ја листата на AskMen ви ги претставуваме и останатите 5 држави каде вреди да се отпатува, иако на вести сме ги слушале по лошо.
На Етиопија, Куба, Пакистан, Иран и Индонезија им се надоврзуваат Колумбија, Уганда, Ерменија, Босна и Бурма.
5. Колумбија
Безбедноста во Колумбија е драстично подобрена во последниве десетина година. Иако постојат опасни региони, поголемиот дел е погоден за безгрижно шетање. А вистинска штета е да не се прошета во земјата која има величествена флора и фауна, изобилие од архитектонски стилови низ големите градови, плантажи за највкусно кафе и ведри луѓе со кои ќе танцувате секоја вечер.
Колумбија е богата и сочна порција за љубопитниот турист. Амазонската прашума нуди неверојатни доживувања: можност да се видат културата и ритуалите на племето Huitoto, тура по островот на мајмуните, прошетка под џиновски дрвја, посета на Puerto Nariño, живописно местенце на брегот на реката Амазон и секако ретки растенија и животни како огромните водни лилјани и розовите делфини.
Како сето ова да не е и повеќе од доволно за рајски одмор, Колумбија ги има високите Анди и идиличните плажи на Тихиот Океан и на Карипското Море како дел од Атлантскиот Океан.
Уганда е Африка во мало. Сѐ што нуди овој континент е собрано на едно место: високи планини, големи езера, пространи прашуми, ретки видови животни... Па, заинтересирани сте за рафтинг на Нил?
Уганда е едно од само двете места на светот каде живеат лавови што се качуваат на дрво. Токму овде е и најголем дел од загрозениот вид планински горили, нежни џинови кои живеат во високо организирана заедница.
3. Ерменија
Раскошен пејзаж и богата историја преплетена со библиски приказни. Манастири на планините и катедрали во шумите.
Искачување по 4 100 метри високата планина Aragats и пливање и едрење во големото езеро Sevan.
Како поранешен дел од Советскиот Сојуз, Ерменија ги плаши Американците, а од AskMen признаваат дека се изненадени од убавината на оваа земја и воодушевени од топлиот, гостопримлив народ.
2. Босна и Херцеговина
Убавините на Босна во AskMen се опишани како Европа пред 20-30 години, пред врвулица туристи да го допрат и загадат местото. Покрај пофалните зборови за националните паркови и космополитскиот дух на Сараево, како најпријатно изненадување е издвоена босанската храна опишана како највкусна гозба источно од Италија.
1. Мјанмар (старо име Бурма)
Можеби не знаете многу за Мјанмар, ама сигурно ќе се сетите на Aung San Suu Kyi, лидер на продемократската опозициска партија. На изборите во 1990 година народот гласал за промени, но воената хунта сепак остана на власт, а Aung San Suu Kyi беше казнета со домашен притвор. По цели 15 години, конечно беше ослободена во 2010 година. На изборите одржани годинава во април Suu Kyi, која уште во 1991 година доби Нобелова награда за мир, имаше убедлива победа, па благодарение на нејзините напори изолираната држава Мјанмар веќе почна да дочекува големи групи љубопитни туристи.
Во Мјанмар ве чекаат зајдисонцата над илјадниците будистички храмови во древниот град Bagan, водните градини сместени во плиткото езеро Inle полно со ендемски видови полжави и риби, живописниот микс на старото и новото во Mandalay, златната пагода Shwedagon во Yangon и долгите песочни плажи.