Ја посетив Махо, популарна плажа до аеродром на Карибите - Постојано нè надлетуваа авиони, имаше огромни бранови
На островот Сент Мартин вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзината необична локација. Плажата, која е полн погодок за Инстаграм фотки, е лоцирана веднаш до интернационалниот аеродром. Иако има огромни знаци кои предупредуваат за опасноста, посетителите „се лепат“ на оградата што ги дели плажата и аеродромот за да го гледаат полетувањето и слетувањето на авионите.
Најголемата придобивка од работење на брод е патувањето на места за кои некогаш само сум сонувала.
За време на мојата скоро десетгодишна бродска кариера посетив многу пристаништа, познати монденски плажи, историски локалитети и забавни паркови.
За време на мојот последен договор, наша дестинација беа Карибите, но француските Кариби за кои не треба виза.
Крузерот имаше две рути кои наизменично се менуваа, посетувајќи ги Мартиник, Гваделуп, Доминика, Барбадос, Сент Китс, Сент Џон и Сент Мартин, острови со прекрасни, долги плажи со бел песок и тиркизно море со кристална вода - прав карипски рај, со палми и кокоси.
Но, со пренатрупаниот работен распоред не секогаш можевме да излеземе надвор од нашиот пловен дом и да уживаме во карипските плажи. Еден од порелаксираните денови беше на пристаништето на островот Сент Мартин.
Бродот закотвуваше пред осум часот, а го напушташе овој остров околу 20 часот, што ни даваше доволно време за шетање, уживање на плажа и, секако, шопинг.
Плажата Махо – адреналинска атракција
На островот познат по одличните можности за шопинг и песочните плажи, вистинска атракција е плажата Махо, само поради нејзината необична локација.
Плажата, која е полн погодок за Инстаграм фотки, е лоцирана веднаш до интернационалниот аеродром „Принцезата Јулијана“, но попознат како „Аеродромот на плажата Махо“.
Плажата и аеродромот ги дели само една ограда, па поради тоа Махо стана вистинска атракција за туристите и секогаш е преполна.
Набљудувањето на авионите кои слетуваат, чувствувањето на нивната млазна сила која речиси те носи како силен ветер и феноменалниот поглед се причините зошто оваа плажа е на списокот за посета на туристите на карипскиот остров.
А како плус причина се спектакуларните фотки за социјалните мрежи.
Неверојатна беше силата при слетувањето што морав да си го држам шеширот да не ми полета. Една повозрасна жена се откажа по пет-минутното трчање по нејзиниот.
И иако има огромни знаци кои предупредуваат за опасноста, посетителите „се лепат“ на оградата за да имаат подобар поглед при слетување или полетување.
Од пристаништето до Махо има мини комбиња за кои плативме по 16 долари, и ги има на секои 15 минути.
Кој рано рани...
Поучени од колегите дека плажата е преполна постојано бидејќи Сент Мартин е познато пристаниште за крузерите и дневно има дури и по седум брода, тргнавме рано.
Штом закотви бродот, бевме меѓу првите што излегоа со крајна дестинација – Махо.
И тоа беше одлична идеја, бидејќи кога стигнавме, плажата беше речиси празна и уживаме во кристалното море и белиот ситен песок.
Но, иако бевме рано, немавме среќа со барот и ресторанот на плажата бидејќи местата со најдобриот поглед или без зафатени или резервирани.