Како да одберете квалитетен и топол џемпер кој ќе ви трае подолго од една сезона?
Избегнувајте џемпери од кашмир за секојдневно носење и секогаш проверувајте ја еластичноста на џемперот пред да го купите – кои други совети ќе ви помогнат да одберете квалитетен џемпер што ќе ве топли и ќе ви трае?
Не залудно џемперите ни се омиленото парче за зимските и постудените есенски денови.
Покрај тоа што се удобни и топли, се продаваат во секакви бои и со секакви дезени, па можеме да ги вметнеме во многу комбинации.
Сепак, некогаш може да биде тешко да го изберете вистинскиот џемпер, а и високата цена не секогаш е гаранција дека она што ќе го купите е квалитетно.
Следниот пат кога ќе купувате џемпер, земете ги предвид следниве работи:
Волнениот џемпер може да предизвика чешање
Природната волна е квалитетен и издржлив материјал. Но, ако купите џемпер од чиста волна, речиси сигурно ќе чувствувате чешање.
Ако сепак сакате волнен џемпер, можете да го носите во комбинација со кошула која ќе го спречи директниот контакт со вашата кожа.
Можете и да купите џемпер кој е комбинација од волна и некој друг материјал.
На кашмирот се прават топчиња
Без разлика колку е квалитетен џемперот од кашмир, на него многу лесно се прават мали топчиња.
Па, овие џемпери, иако меки, не се препорачливи за секој ден бидејќи брзо ќе ги уништите.
Од друга страна, џемперот од мерино волна е мек и не предизвикува чешање како „обичната“ волна, а го нема истиот проблем како кашмирот.
Малку синтетика не треба да биде проблем
Обично мислиме дека синтетичките материјали се најлош избор на облека, но ако се во мали количини, можат да бидат и корисни.
На пример, џемперот со малку полиестер ќе биде помек, додека џемперот со акрил е потопол.
Џемперот со еластин, пак, ќе биде поеластичен, што значи подолго ќе ја задржи оригиналната форма.
Препорачливо е џемперот да има до 25% синтетички материјали за да ги почувствувате придобивките, без последиците.
Одберете модел со ситна плетка
Избегнувајте џемпери со покрупна плетка, односно џемпери на кои се гледаат мали дупчиња помеѓу конците.
Тие се со послаб квалитет и можете да ги скинете или растегнете многу полесно.