Кејт носи ѓердан на Елизабета, а Меган обетки кои таа ѝ ги подарила – како дамите ѝ оддадоа почит на кралицата на погребот?
На погребот на кралицата Елизабета, кралските дами носеа парчиња накит со кои ѝ оддадоа почит на починатата кралица. Кејт носеше парче накит со кое истовремено им оддаде почит и на кралицата и на принцезата Дијана, а Меган пак носеше обетки што ѝ биле подарени од Елизабета.
Кејт Мидлтон на погребот се појави заедно со принцот Џорџ и принцезата Шарлот, а на себе носеше елегантен црн фустан со шапка и со вел.
За да ѝ оддаде почит на кралицата, Кејт одлучи целиот изглед да го надополни со бисерен чокер што ѝ припаѓаше на бабата на нејзиниот сопруг. Многумина велат дека Кејт беше симбол за цврстина и сталоженост за време на влегувањето на погребот.
Ова не е првпат Кејт да избере на себе да го носи бисерниот ѓердан на кралицата Елизабета. Таа го носеше истото парче накит и во 2017-та година, на вечерата по повод 70-годишницата од бракот на Елизабета и Филип.
Ѓерданот е изработен од бисери што на кралицата ѝ биле подарени од јапонската влада, а бил израбитен во 1980-та година.
Освен Кејт, ова парче накит го носела и принцезата Дијана, за време на посетата на кралското семејство на холандија во 1982-ра година.
Најмалата принцеза, Шарлот (7) ѝ оддаде почит на својата прабаба така што носеше брош во форма на потковица на нејзиниот фустан. Познато е дека кралицата беше голем обожавател на коњи и дури и во 90-тите години честопати јаваше коњ во палатата во Виндзор.
Кралицата придружничка, Камила, пак, пристигна во Вестминстер заедно со Кејт и со внуците на нејзиниот сопруг, а на себе носеше брош, што кралицата го носеше за време на дијамантскиот јубилеј и во кој е вметнат бројот 60 - односно бројот на години на владеење на Елизабета до 2012-та година кога ѝ беше подарен накитот.
Со ова Камила ѝ оддаде почит на својата свекрва како владетел со најмногу години владеење во британската монархија. За потсетување, оваа година Елизабета прослави 70 години на тронот на британското кралство.
Меган Маркл, пак, на погребот дојде заедно со нејзиниот сопруг Хари, кој се приклучи на погребната поворка, веднаш зад ковчегот на кралицата.
Таа ѝ оддаде почит на Елизабета, така што носеше обетки од бисери и од дијаманти, што бабата на нејзиниот сопруг ѝ ги дала како подарок.
Б. С. Б. | Црнобело