Трикови за комбинирање накит, кои ќе ви користат (со нив славните дами ги кријат недостатоците)
Накитот, без разлика дали обетки, прстени или ѓердани, е одличен начин да ја надополните секоја комбинација. Дури и ако комбинацијата ви изгледа монотоно, со вистинското парче накит можете целосно да го промените тоа.
Сепак, некогаш е тешко да одредите кое парче накит е најдобро за вас или што ќе изгледа најдобро со вашата комбинација.
Бидејќи повеќето познати жени се и модни икони, погледнете неколку едноставни правила за комбинирање накит што ги научивме од нив:
Обетки
Ако имате овално и издолжено лице, обетките со кружна форма се секогаш добар избор.
Кај повозрасните жени, пак, кружните обетки можат да имаат подмладувачки ефект. Овие обетки се одлични и за девојките со поистакната вилица.
Долгите обетки најдобро им стојат на девојки и жени со правоаголно лице. Поради нивната должина, тие создаваат одлична рамнотежа и го прават лицето визуелно подолго.
Овие модели се доста добри и за девојки со полно лице.
Ако сакате да ги истакнете очите, одберете модел кој има иста боја како и вашите очи. На пример, на девојките со сини очи многу добро им стојат обетки со сафир или други камења и украси со сина боја.
На девојките со кафеави очи многу добро им стојат обетките со топли нијанси, како златна.
Ако сакате да експериментирате, можете да направите и контраст со бојата на очите и обетките. На пример, обетките со дијаманти или други бели и проѕирни кристали одлично ќе ги истакнат сините и зелените очи. Ако имате темни очи, ставете обетки со зелени или црвени детали.
Бидејќи со годините кожата ја губи еластичноста, тешките обетки можат да ги прошират дупчињата на ушите и да ја издолжат ушната ресичка. Во овој случај најдобро е да носите обетки со штипка, а ако имате проширени дупчиња, можете да ги скриете со обетки кои ја покриваат целата ушна ресичка.
Прстени
Ако сакате гломазни прстени со многу детали, комбинирајте ги внимателно. Во овој случај, облеката и останатиот накит треба да бидат со што е можно помалку украси и детали. Односно, главниот фокус треба да биде на големиот прстен.
Друго нешто што треба да го земете предвид кога одбирате прстен е должината на вашите прсти.
Ако имате пократки прсти, одбирајте помали прстени со кружна форма и помалку детали. Ако сепак сакате голем прстен, одберете модел со триаголна или асиметрична форма.
И бојата на кожата може да влијае врз тоа како ќе ви стои некој прстен. На пример, на девојките со многу светла кожа најдобро им стојат белите метали, како сребро или бело злато.
Ако имате потемна кожа, најдобро ќе ви стојат прстени со златно жолта боја.
Алки
Кога одбирате алки, морате да ја земете предвид големината на дланките и зглобовите. Односно, на девојки со мали дланки и тенки зглобови подобро им стојат мали и минималистички нараквици. Од друга страна, на девојките со поголеми дланки и пошироки зглобови подобро им стојат поголеми, впечатливи нараквици.
Ако имате пошироки зглобови и сакате визуелно да ги намалите, одберете нараквица со средна големина. Исто така, немојте да комбинирате повеќе од три нараквици на едната рака.
Ако не сакате да ги истакнувате зглобовите, ставете ја нараквицата погоре, приближно на средината на раката.
Ланчиња и ѓердани
Ланчето со мал медалјон им стои добро на буквално сите девојки и жени. Овие минималистички модели изгледаат особено добро ако имате облека со повеќе детали.
Ако сакате ланче со поголем медалјон, најдобро ќе изгледа во комбинација со едноставни блузи со кружна јака или кошули.
Секогаш можете да направите и комбинација од неколку синџирчиња со разна должина и мали медалјони.
Последниве неколку сезони и бисерите стануваат популарен избор за ѓердани, и лесно можете да ги комбинирате со скоро сè – од кошули, до удобни џемпери.
Спирова С. | Црнобело