Како да ја изберете вистинската облека за интервју за работа?
Наводно, работодавачот одлучува дали ќе го вработи потенцијалниот кандидат уште во првите 90 секунди од интервјуто. Реално, ова е навистина краток период, па важно е да го искористите максимално.
На некој начин, работодавачот ве оценува според првиот впечаток, а облеката што ја носите може да има големо влијание врз тоа.
Па, за следното интервју, имајте ги предвид овие модни совети:
Бојата на вашата облека влијае врз впечатокот што го оставате
Една анкета покажала дека сивата боја почесто се поврзува со компетентност и логичко размислување, белата со добри организациски способности, црната со лидерство, а виолетовата и зелената со самодоверба и креативно размислување.
Како „најнепрофесионална“ боја се покажала портокаловата. Слично било мислењето и за жолтата и црвената.
Светлите бои можат да остават лош впечаток
Премногу светлите бои и „храбрите“ модни комбинации можат да покажуваат дека сакате да привлечете внимание, и тоа по секоја цена. Токму поради ова, имаат лошо влијание.
Ова значи дека дури и ако аплицирате на работно место каде што треба да ја истакнете вашата креативност, подобро е да не изгледате многу екстравагантно.
Можете да одберете аксесоар што ќе се истакнува, како необичен часовник или очила. Но, немојте да претерате ни со аксесоарите.
Работодавецот ќе забележи ако носите облека што не е ваш стил
Добро би било да проверите дали компанијата во која аплицирате има кодекс за облекување. Доколку нема, никогаш нема да погрешите со сако и кошула.
Но, доколку никогаш не носите костими или сако, во нив сигурно ќе изгледате како да ви е неудобно, а работодавецот ќе го забележи тоа.
Најдобро е да носите облека што го покажува вашиот карактер, само обрнете внимание да изгледа пристојно и не многу нападно.
Се забележува ако носите нова облека, невообичаена за вас
Ако сте купиле нова облека за интервјуто, добро би било да ја износите барем еднаш пред важниот ден. Така ќе имате време да ги воочите недостатоците и да ги средите до интервјуто.
Ако купите нови чевли, добро би било да ги „разносите“ за да не чувствувате неудобност. Притоа, откако еднаш ќе ја износите облеката, ќе се осигурите дека сте ги отстраниле етикетите и слично.
Се забележува ако носите облека што ви е неудобна
Нормално, треба да изгледате добро на интервјуто, но ако не се чувствувате удобно во облеката, тоа сигурно ќе се забележи и ќе има влијание врз вашата самодоверба.
Најдобро е да не носите многу тесна или многу широка облека и не облекувајте парчиња несвојствени за вас. Исто така, немојте да правите фризура или да носите шминка на којашто не сте навикнати.
Најважно е да се чувствувате удобно, бидејќи дури тогаш ќе можете да ги покажете вашите вистински квалитети.
Спирова С. | Црнобело