Крзнен капут во боја на карамела – модно парче кое вреди да го грабнете на попуст (фото)
Иако температурите паѓаат под нулата, цените на зимската облека во трговските центри вртоглаво се снижуваат. Доколку сѐ уште го немате во својата гардероба, сега се исплати да си го купите фаворитот на модните блогерки и трендсетерки со намалување.
Најатрактивно модно парче и зимава е крзнениот „teddy bear“ капут. Практичен и сестран, ваквиот модел веќе втора сезона по ред го обожаваат и шетаат во него манкенките, ѕвездите и сите урбани дами од соседството.
Симпатичниот назив го има добиено затоа што е налик на плишано мече. Инстаграм е преполн со фотки од модните блогерки и трендсетерки, кои го носат омилениот капут на мноштво различни начини. Најчесто е изработен од еко крзно и мошне е топол и мек.
Лесно е да го искомбинирате со класични фармерки, џемпер и здолниште, а идеален е за одење на средба со пријателките или забава. Може дури да го склопите и со фустан и високи потпетици. При изборот на идеалниот за себе, водете се според неколку параметри.
Крзнениот капут треба да биде предимензиониран, за да е што поудобен, а не треба да има премногу детали или шари. Неговата убавина лежи баш во едноставноста и прекрасната боја на карамела, која е хит сезонава.
Пред да се пуштите во потрага низ продавниците, погледнете ги нашите предлози како да го носите по градските улици:
M. A. | Црнобело