Предлог комбинации: Ако мислевте дека не можете да комбинирате розово и црвено
Блок боите се секогаш интересен избор за впечатлив изглед, а оваа пролет во тренд е неочекуваната и необичната комбинација на црвената и розовата боја.
Во очекување на пролетната сезона, модниот свет е обоен во богатите нијанси на розовата и црвената боја. Овој несекојдневен тандем го најавија ревиите на познатите дизајнерски куќи, како Celine, Kenzo, Gucci, Topshop и Valentino.
Имуни на розово-црвениот тренд не останаа ниту од популарниот шпански бренд Zara, претставувајќи цел каталог обоен во тоновите на циклама и црвена.
Модерните девојки не се плашат од комбинацијата на смели бои, па со задоволство ќе ги носат розовите и црвените парчиња облека. Можете да ја изберете нијансата на циклама со која се преплавени полиците на Zara, и да ја искомбинирате со црвено парче, или, пак, да одберете некоја посмирена варијанта, стилизирајќи ја црвената облека со модни додатоци во нежни розови тонови.
Притоа, бидете внимателни при изборот на материјали, кроеви и облици, а потрудете се и спојот на бои да одговара на вашиот личен стил и сензибилитет.
Во продолжение, ве инспирираме со неколку убави предлози како да ги носите розовата и црвената боја во текот на сончевата модна сезона.
М. А. | Црнобело