„Искинатата“ облека е ИН оваа пролет
Што правите кога ќе забележите дупче или пукнатина на вашиот омилен џемпер, блуза или фустан? Веројатно таквото модно парче завршува во кантата за отпадоци. Оваа пролет, со гордост можете да го носите на себе!
Со текот на времето, искинатите фармерки ги прифативме како сосема нормална работа, но оваа година ќе видиме многу повеќе „искинати“ парчиња облека на градските улици – од кошули и фустани, па сè до џемпери и дуксери со дупки. И ќе бидат вистински хит на сезоната.
Модните блогерки први го промовираа овој тренд, а полиците на познатите дизајнерски куќи се наполнија со вакви модели. Брендовите како Zara и Bershka веќе ги вброија во своите најнови колекции, понудувајќи кошули и џемпери кои изгледаат како да се носени повеќе години.
Како да ги носите и комбинирате? Трендсетерките најчесто ги носат дуксерите и маици со искинати отвори во тандем со фармерки и високи потпетици. И, додека голем број дами со задоволство го прифаќаат секој нов моден предизвик и тренд, сепак постојат и тие кои никогаш не би дале пари за „искинато“ парче.
Погледнете ја актуелната понуда и одлучете се во која категорија спаѓате вие.
М. А. | Црнобело