Desigual со неверојатен моден микс за есен/зима 2013
Сигурни сме дека оној што еднаш видел парче од колекцијата на Desigual лесно го препознава брендот по разнобојноста, уникатноста и спојувањето на навидум неспоивите дезени.
Успешната приказна на Desigual започнува во 1984 година на шпанскиот остров Ибица.
Основачот, швајцарецот Томас Мајер тогаш 20-годишник решил да ја искористи својата креативност правејќи впечатливи маици кои ги продавал на туристите на островот, како и јакни направени од стари фармерки.
Тогаш всушност Мајер прави јакна во бомбер стил која ја нарекува Desigual (што значи “различен” на шпански).
Наскоро потоа Мајер лансира колекција која комбинира цветни парчиња во силни бои и неверојатни комбинации дезени.
Секоја следна колекција го следи овој стил на неочекуваните спојови и различноста во однос на боите, материјалите, дезените што резултира во ултра уникатен изглед за сите - жени, мажи па дури и деца.
Но, брендот не застанува тука - освен уникатноста во дизајнот на колекциите секогаш присутна е и иновативноста во организацијата на настани кои се верни на духот на брендот и се исполнети со изненадувања и различност.
Така, за да го означи почетокот на сезоната на попусти во Барселона Desigual организира таканаречена “semi-naked ” забава на која од купувачите се бара да дојдат во продавницата облечени само во долна облека, а оттаму си заминуваат целосно облечени.
Исто така, популарноста на брендот се зголеми и во сезоната есен/зима 2011-2012 кога беше склучена соработка со познатиот Кристијан Лакроа, а заеднички беа дизајнирани 30 парчиња облека, модни додатоци и долна облека. Ваквиот пристап го позиционираше брендот едно скалило погоре, поточно на границата помеѓу високата модата и урбаниот лежерен стил.
Обожавателите на Desigual и сите оние кои се храбри да бидат поразлични во Скопје може да ги најдат колекциите на брендот во продавницата Fashion&Friends во Скопје Сити Мол.