Хранлива маска за коса од кокосово масло
Во пресрет на летото, ви нудиме еден домашен рецепт за маска за коса кој е навистина едноставен, но делотворен и кој ќе ја нахрани вашата коса од коренот па се до врвовите.
Без разлика на тоа дали имате природно сува коса или пак таа е оштетена од често боење, ако имате првут или наскоро одите на море каде косата ќе биде изложена на штетните влијанија на солта, ветерот и сонцето, оваа маска од кокосово масло ќе ви го потхрани влакното и ќе го поттикне растот на косата.
Потребно:
една голема лажица кокосово масло , една мала лажичка масло од гроздови семки, пола лажичка сок од лимон и 10 капки етерично масло од лимон и 10 капки етерично масло од рузмарин.
Подготовка:
Маслото од кокос ставете го во метален сад и загрејте го, а во него додајте го маслото од гроздови семки.
За посветла коса – додајте пола лажичка лимонов сок или 10 капки етерично масло од лимон.
За потемна коса – додајте 10 капки етерично масло од рузмарин.
Смесата се нанесува на влажна коса додека маслото е сè уште топло. Убаво се распоредува по целата должина и се масира во коренот. Врз косата, потоа ставете капа за туширање и зацврстете со пешкир . Пред да го ставите на главата, пожелно е да се загреете и пешкирот, бидејќи топлината ја поттикнува делотворноста на маската која треба да ја држите околу 10 минути.
Потоа измијте ја косата со благ шампон и млака вода и ќе добиете мека, сјајна и здрава коса.