Големиот Гетсби - прекрасна приказна со совршени модни парчиња во стилот на 20тите
Можеби новата верзија на филмот „Големиот Гетсби“ со Леонардо Ди Каприо и Кери Мулиган во главните улоги нема нема да го зголеми интересот за романот на американскиот писател Ф. Скот Фицџералд од 1925 година, но со сигурност ќе има влијание врз модните трендови годинава.
Фустани за танцување со многу светки, украсени со Сваровски кристали и реси, крзно, блескави дијадеми, пердуви и бисерен накит се само некои од деталите кои преовладуваат на модната сцена благодарение на „Големиот Гетсби“.
За титулата „најочекуван моден филм" годинава, главната заслуга оди во рацете на костимографката Катрин Мартин.
За да го долови времето на декадентните забави, кога во ритамот на жешкиот џез се танцувале чарлстон и фокстрот, Мартин ангажираше врвни модни имиња. Италијанската дизајнерка Миучиа Прада креираше 40 гламурозни вечерни и коктел фустани во раскошни нијанси на виолетова, сребрена, златна и смарагдно зелена боја. Креаторите од Тифани осмислија посебна колекција рачно изработен накит и сребрени украси кои се дел од ентериерот во филмот.
Секако, највпечатливите дијамантски и бисерни нараквици, ланчиња и шноли, во филмот ги носи богаташката Дејзи, а по количина на скапоцен накит ја следи и Гетсби.
Гетсби (Леонардо Ди Каприо) како и сите останати машки ликови носи исклучиво елегантни одела и лептир машни од модната куќа Brooks Brothers за вечерни прилики, а во дневните варијанти – ленени кошули во земјени тонови и бермуди.
Brooks Brothers за филмот произведе 2291 парчиња облека и модни детали: 200 смокинзи, 260 кошули, 55 триделни одела. Накитот на Гетсби е исто од Тифани, а богаташот од нозе не ги симнува и чорапите од швајцарската марка Фогал, додека во рака најчесто држи чаша шампањ Moet&Chandon.
Беспрекорна глума на Леонардо Ди Каприо, прекрасна приказна, совршени модни парчиња и феноменалната музика – филм кој треба задолжително да го погледнете!