Што треба да проверите при купување на гардероба?
Сте одбрале парче облека која убаво ви стои и со чија цена сте задоволни. Еве уште неколку ситници на кои треба да обрнете внимание пред, маичката, фустанот или пантолоните да ги спакувате во кеса и задоволно да се упатите кон својот дом.
Прегледајте ги шавовите
Често се случува некој да не е добро сошиен. Не ретко ќе пропуштите да видите и по некое дупче во ткаенината. Погледнете и дали е добро порабувањето и секаде со еднаква ширина. Подобро е сето тоа да го проверите на лице место, отколку да се враќате и да го менувате купеното.
Копчиња
Видете дали се добро прицврстени. Испробајте ги, закопчајте, откопчајте и ако видите дека се лабаво сошиени, подобро побарајте друго парче облека за да не шиете копчиња дома веднаш штом ќе стигнете по шопингот. Проверете дали облеката има резервно копче, бидејќи не е лесно да се најдат исти копчиња.
Патент
Ако фустанот или пантолоните кои ги купувате имаат патент, испробајте го за да видите дали добро функционира или некаде запнува и ја зафаќа ткаенината. Размислете дали патентот можете да го замените сами во случај да се расипе, или ќе морате да побарате стручна помош.
Набори и фалти
Облеката со набори и фалти не е баш лесна за одржување. Пред дефинитивно да се одлучите, размислете дали по перењето ќе успеете да ги испеглате како што треба или ќе мора да ги носите на хемиско чистење.
Одржување на апликации
Обрнете внимание на упатството за одржување, особено ако купувате облека со апликации, за да знаете какво одржување ви следи и дали тоа ви одговара.