Модно шоу со скриена моќна порака и уште 2 ревии на отворањето на Shtip Fashion Days 2024
Во мистичната атмосфера на стариот погон на фабриката „Македонка“, беа промовирани колекции на познати штипски брендови, но и студенти по дизајн од факултетот во Штип.
Три модни ревии со интересен модно-театарски перформанс ја одбележаа првата вечер на Shtip Fashion Days 2024.
Со три интересни ревии во старата фабрика за џинс „Македонка“ во Штип, вчеравечер (30.09), беа отворени првите денови на мода, Shtip Fashion Days 2024.
Во мистичната атмосфера на стариот погон на фабриката, беа промовирани колекции на познати штипски брендови, но и студенти по дизајн од факултетот во Штип, а посетителите уживаа во необичниот моден настан.
Настанот го отвори ревија чија цел беше да оддаде почит на убавината на елементите на природата, а која беше организирана од страна на Здружението за заштита на работнички права „Гласен текстилец“.
Ревијата го насочи вниманието кон важноста на правата на работниците.
Шоуто ја прослави издржливоста и силата на конфекциските работници ширум светот истакнувајќи ги нивните гласови преку јазикот на стилот и дизајнот - 6 модели со врзани раце и очи излегоа на сцената, а потоа беа „ослободени“ и ги покажаа своите дизајнерски парчиња облека.
Пет пара познати дизајнери и студенти, создадоа впечатливи креации, кои на сцената беа претставени преку модно-актерски перформанс.
Моделите за оваа ревија ги креираа Александар Ношпал со Татјана Гиновска, Никола Булески со Снежана Ефковска, Катерина Тошева со Марија Трајковска, Антонија Гугинска со Михаела Штерјова и Гере Трипков со Сара Величковска.
Во ревијата беа вклучени и седум модели кои нашите реномирани дизајнери ги отстапија за оваа ревија.
Второто шоу започна со ревијата на Minimal by NANA, а моделите беа наменети за младите и зрачеа со минималистичка естетика, чисти линии и футуристички акцент.
Ревијата во два дела продолжи со креации од новата колекција на NANA, a тука доминираа посериозни дизајнерски парчиња и модели кои претставуваат безвременска мода.
Првата модна вечер заврши со ревијата на студентите на Технолошко-техничкиот факултет на Универзитет „Гоце Делчев“, под менторство на Сања Ристески.
Тие ја прикажаа својата нова колекција, „Еклектик“, која беше создадена од модели кои се микс од стилови, текстури и дезени, а сето тоа преточено во еден уникатен и впечатлив изглед.
Модните денови во Штип продолжуваат вечерва со ревиите на штипските текстилни компании „Астибо“, „Линеа“ и „Албатрос“.