Работи што ги носиме погрешно во зима (без да размислиме за последиците)
Синтетички хулахопки, качулка врз капата... Каде најчесто грешиме кога е во прашање зимската гардероба?
Нема ништо полесно од тоа да избереме облека што ќе ја носиме во зима - нешто дебело за да ни е топло.
Но, погрешното комбинирање на некои парчиња гардероба може да има негативни последици на нашето здравје.
На што треба да обрнете најмногу внимание?
Хулахопки
Преку зима избегнувајте хулахопки од полиестер или вискоза.
Синтетичките материјали не дозволуваат влагата да помине низ нив, што значи дека потта ќе се задржи на стапалата, па наместо да се стоплите, тие ќе бидат студени и влажни.
Качулка
Качулките се одлична заштита од ветер, но не треба да ги носите ако на главата веќе сте ставиле капа.
Капата не ѝ дозволува на качулката „да легне“ убаво на вашата глава, па се појавува „процеп“ меѓу нив и во тој процеп ветерот проаѓа многу лесно, па наместо да се стоплите, почнува да ви студи.
Имајте предвид и дека качулката може значително да ви го намали и страничниот вид, па кога преминувате улица или возите, тргнете ја од главата.
Ски маска како аксесоар
Последниве години сè повеќе луѓе носат ски маски или фантомки како моден аксесоар.
Но, овие парчиња се дизајнирани за екстремен студ и зимски спортови.
Ако ги носите како аксесоар, тогаш мора да следите неколку правила за хигиената: перете ги на 2-3 дена, бидејќи преку дишењето создавате влага и топлина, а тоа е идеална средина за ширење бактерии.