„Не зборуваат за пари и секс“: Кои се најчестите грешки што ги прават паровите, според брачни советници?
Се навраќаат на стари проблеми кога решаваат нов, не сакаат да зборуваат за сериозни теми и кога се расправаат не покажуваат почит – дел од најчестите грешки што ги прават паровите.
За среќен брак не е доволна само љубовта. Исто важни се и комуникацијата, довербата, почитувањето, но и начинот на којшто партнерите се расправаат и ги решаваат проблемите.
На Редит, неколку брачни советници ги споделија најчестите грешки што ги забележале кај нивните клиенти.
Дел од најдобрите во продолжение:
„Кога партнерот ќе ви каже дека му пречи нешто, не одговарајте со ’Мене, пак, ми пречи нешто друго‘. Наместо тоа, прво најдете решение за проблемот што ви го спомнал, па потоа кажете што ви речи вам“.
„Не очекувајте партнерот да ви биде буквално сè – пријател, колега, друштво за хобија…“
„Немојте да правите дете во брак кој се распаѓа очекувајќи тоа да ви го спаси. Ова никогаш не функционирало и никогаш нема да функционира. Детето треба да биде производ од заедничка љубов и треба да пристигне во среќен брак, а не да го спаси“.
„Луѓето грешат кога забораваат да му покажат благодарност на партнерот. Искажувањето благодарност може да има позитивно влијание и на психичкото здравје, и на самата врска“.
„Многу луѓе го слушаат партнерот само за да му одговорат, а не за да го ислушаат“.
„Не очекувајте партнерот да ви ги чита мислите и да знае што ви треба и што сакате без да му кажете“.
„Јас сум адвокат за разводи – зборувајте за пари и финансиски проблеми и зборувајте за секс и вашите потреби во кревет“.
„Не стапувајте во брак само затоа што сакате да направите свадба, а не и да бидете во брак“.
„Не чувајте тајни и не лажете“.
„И двајцата партнери мораат да бидат подготвени да направат сè еден за друг, во кој било момент. Толку е едноставно“.
„Проблем е кога партнерите имаат лоша комуникација или не можат да зборуваат за тешки теми. Поради ова и двајцата ќе бидат фрустрирани“.
„Кога партнерот ќе ве повреди, не се обидувајте и вие да го повредите. Кога ќе ве повреди, без разлика дали намерно или не, разговарајте за тоа. Со одмаздувањето и расправиите само ќе направите поголема штета“.
„Немојте да мислите дека постојано ќе бидете вљубени ’до уши‘ и дека ако се намали интензитетот на тие чувства, тогаш сте со погрешната личност“.
„Немојте да одите кај брачен советник верувајќи дека тој е судија и ќе ви каже кој е во право, а кој не“.
„Никогаш не се навраќајте на стари проблеми кога решавате некој нов“.
„Луѓето не знаат како да се расправаат. Мора да се расправате на фер начин во врската. Многу е важно да покажете почит, самите да не носите заклучоци и двајцата смирено да ја кажете вашата поента. Ова е многу важно и го кажувам многу често додека работам“.
Спирова С. | Црнобело