„Немавме пари за брачна терапија, како успеавме да го спасиме бракот бесплатно?“
„Тој не ги раскрева садовите од масата, јас имам потреба постојано да уредувам, родителите се мешаат“ – ова се само дел од темите за кои се расправавме, открива младата Aмериканка која во недостиг на средства за терапија нашла интересно решение за да го спаси бракот.
Паровите добро знаат дека во заедничкиот живот, големите и малите проблеми може брзо да ескалираат во бурни расправии.
Кој (не) ги измил садовите, чии родители постојано се мешаат, како да се уреди домот. Овој пар нашол невообичаено решение за проблемите.
Франсес Томас за Insider пишува интересен есеј како со нејзиниот сопруг имале период кога почнале често да се расправаат, размислувале за брачна терапија, но немале доволно финансии, па нашле несекојдневно решение.
Во продолжение проследете го текстот на Франсес во целост:
„Тоа што научивме како да се расправаме беше најдоброто нешто што јас и мојот сопруг Рис го направивме за нашата врска.
Кога ќе кажам 'се расправаме' не мислам на викање со плачење и пасивно-агресивно затворање во себеси што често се врзува за овој термин. Говорам за поинаков тип на расправање што ние го нарекуваме: 'Тешки теми'.
Секој втор понеделеник од 20 до 21 часот на нашите Гугл распореди внесен е термин за 'Тешки Теми'. Самиот наслов разјаснува сè: говориме за тешките теми. Мошне тешки проблеми, средни проблеми и воопшто проблеми. Во суштина, за сè што не е лесно.
Ова е времето што мошне го цениме како пар и, иако многупати значи дека ќе бидеме изложени на осуда еден од друг, ми се чини дека ни помага да пораснеме како двојка.
Ова почнавме да го правиме откако почнавме да живееме заедно
Неодамна говоревме за тоа како Рис не ги раскрева садовите од масата во дневната соба, за мојата опсесивно-компулсивна потреба да го уредиме домот и, секако, за родителите.
Секогаш за родителите. Иако ова време најчесто е резервирано за тешките теми меѓу нас, често се случува да разговараме и за работи надвор од врската, како она што ни создава стрес на работното место, проблемите со пријателите, што секако влијаат и на нашиот меѓусебен однос.
Почнавме со вакви термини шест месеци откако почнавме да живееме заедно. Заедничкиот живот е мошне голем чекор за која било врска, а ние двајца не бевме подготвени.
Пред да почнеме да живееме заедно еден повозрасен и попаметен пријател ни рече: ’Тоа што почнувате да живеете заедно е посериозно од тоа да стапите во брак‘.
Во тој миг му се намуртив, а сега откако живееме заедно и откако стапивме во брак, во целост се сложувам со него.
Кога почнувате да живеете заедно треба да си ги приспособите навиките, обврските и сите чудни манири.
Преку ноќ, секојдневната битка за преживување како една возрасна единка се претвора во сложена заедничка битка за преживување како пар.
Имате двојно повеќе садови за миење, двојно повеќе алишта за перење, товарот е двојно поголем – буквално и метафорички. Бевме збунети, да бидем искрена.
Фото:depositphotos.com
Немавме ниту време ниту пари за брачна терапија.
Размислувавме за терапија за двојки, но јас веќе посетував психолог и немавме доволно време ниту средства – во Њујорк каде живееме, терапијата за двојки чини над 300 долари за сесија – за да почнеме заедничка терапија.
По малку размислување, Рис даде предлог да почнеме да правиме нешто што ќе наликува на наша сопствена брачна терапија.
’Но, ние не сме психолози‘ – му реков.
’Да, но, сепак, можеме да си направиме безбедно место за себеси. За Тешките Теми‘ – ми рече.
Така почнавме. Речиси веднаш почнавме да се растоваруваме. Ако еден од нас се чувствуваше вознемирен, повреден или збунет за нешто, немавме потреба да избувнеме веднаш.
Знаевме дека го имаме понеделникот кога ќе може да разговараме, а дотогаш ќе имаме можност да се 'оладиме' и да размислиме што е она што нè вознемирило.
Кога ќе дојдеше понеделник, веќе бевме подготвени без проблем да ги искажеме сопствените емоции, без да кажеме нешто за што подоцна ќе зажалиме.
Сега две години подоцна, времето за 'Тешки теми' е моето омилено време со Рис. Ако немаме тешки дискусии, во тој еден час разговараме за она што сме успеале да го направиме и да си се пофалиме еден со друг дека сме станале подобри партнери и луѓе.
Дури и кога разговараме за најтешките теми, постои нежност меѓу нас. Отвораме шише вино, седнуваме на каучот и еден пред друг го покажуваме сопственото вистинско лице.
Стапивме во брак на 21-ви декември 2020-та година на Зум екран, а околу 50 пријатели и роднини нè следеа од целиот свет, а Рис ми рече: ’Се колнам дека ќе вложам труд кога е лесно и кога е тешко‘.
Со насмевка и со солзи му реков: ’Знам, и јас ќе го направам истото‘.
Би го пробале ли и вие овој метод?
Б. С. Б. | Црнобело