Идеи како да го прославите Денот на вљубените и во време на пандемија
Појадок во кревет, пикник со топли пијалаци во природа, еднодневна прошетка на планина со снег, кино-вечер во домот, романтична вечера – има многу начини да го прославите Денот на вљубените без да го напуштите домот или без да мора да одите на места каде што има гужва.
Нема потреба да ја откажете прославата на Денот на вљубените поради пандемијата. Постојат многу работи што можете да ги правите и дома, на безбедно или во природа.
Ако, пак, ви треба идеја, сигурно ќе ви се допадне нешто од следниве предлози:
Изненадете го партнерот со појадок во кревет
Зарем има поубав начин да го почнете Денот на вљубените? Направете му го омилениот појадок на партнерот и сигурно ќе му го разубавите утрото.
Потсетете се на вашиот прв состанок
Сигурно и двајцата сте се чувствувале прекрасно на првиот состанок, па зошто да не се потсетите на тој миг?
Ова можете да го направите и дома – ако сте јаделе пица, нарачајте од истата пицерија. Ако, пак, сте биле на кино, направете пуканки и повторно изгледајте го истиот филм.
Направете си љубовни картички
Наместо да купувате картички за Денот на вљубените, со партнерот покажете ја вашата креативност и направете си сами. Рачно направената картичка секогаш ќе ви значи многу повеќе од оние купечките.
Поминете ја вечерта со друштвени игри
Шах како во The Queen's Gambit, монопол, карти… постојат безброј друштвени игри со кои сигурно ќе се забавувате. Можете да си организирате и натпревар, па оној што ќе изгуби нека направи вечера за двајцата или нешто слично.
Напишете љубовно писмо
Иако денес ретко кој пишува писма, дефинитивно нема ништо поромантично од тоа да му напишете љубовно писмо на партнерот. Притоа, обидете се да го направите што е можно полично – кажете му зошто го сакате, кажете му како ви го прaви животот поубав, спомнете некој убав заеднички миг… За да не биде клише, може да направите и мали картички во стаклен сад и да го натерате да ги отвора по една на ден.
Пикник во парк преку ден
Ако сте слободни во текот на денот, направете си пикник во парк. Облечете топла облека, земете меко ќебе и, нормално, понесете малку храна и вино. Дефинитивно нема ништо подобро од ден поминат во природа.