Личи на љубов, но е класична манипулација - дали сте жртва на љубовна измама?
Дали понекогаш чувствувате дека не можете да дишите и се борите за здив во вашата љубовна врска?
Она што ви се сервира како љубов, неретко е класична манипулација. Не е чудно што имате чувство дека се давите, постојано сте нервозни и потајно несреќни… прашањето е – дали сте жртва на љубовна измама?
Партнерот постојано пишува пораки и ви се јавува
На некои ова однесување им ласка, барем на почетокот на врската кога сè е свежо, ново и возбудливо. Се чувствувате посакувано кога сте во нечиј центар на вниманието.
Но, во основата на ова однесување лежи посесивност и токсичност. Проблемите започнуваат кога партнерот ви пишува и ви се јавува без престан. Првиот момент кога нема да успеете да му кренете слушалка или да му вратите на пораката тој добива панични напади и започнува да испраќа заканувачки пораки: „Јави ми се веднаш!“, „Каде си?!?!“
Подоцна се лутат со часови, дури и денови затоа што не сте достапни 24/7 за нив. Комуникацијата одеднаш станува отежнувачки фактор во врската која ве излудува.
Ве следи 24/7, ви го знае целиот распоред и сè поврзано со вас
Ова доаѓа како продолжеток на постојаното јавување и праќање пораки. Партнерот има потреба секогаш да знае точно каде сте, со кого сте и што сте правеле или ќе правите.
На почетокот тоа изгледа симпатично, тој се грижи за вас. Подоцна станува сомнително. Неговото/нејзиното контролирачко однесување доаѓа го границата на посесивност.
„Каде си, кој беше таму? Како беше облечена, зошто си облекла толку кратко фустанче? Кој ти е тој колега од работа?“ Имате чувство дека доколку не се вратите дома со детален извештај, светот ќе се распадне.
Сака да биде исклучиво само со вас, не ве запознава со неговите пријатели, ниту има интерес за вашите
Секако, на почетокот е прилично забавно кога сте сами и мислите дека целиот свет се врти само околу вас двајца и вашата љубов. Но, реалноста е дека никој не може да опстои без пријателите, семејството… само партнерот не е ниту одблиску доволен за среќата на една личност.
А тој или таа одбиваат да ги запознаат вашите пријатели и немаат желба да ве запознаат со нивните. Во одреден момент почнувате да се прашувате дали воопшто имаат пријатели, бидејќи вие сте „целиот нивен свет“. Активно работат да ве оддалечат и од вашите драги лица, со цел да зависите од нив.
Сака да знае сè за вас и ве притиска да му ги кажете работите што сакате да ги задржите за себе
Започнувајќи од бројот на сексуални партнери, вашите тајни, стравови и најинтимни детали од животот… тие се опседнати со идејата да знаат сè се вас, убедувајќи ве дека во вистинската љубов нема место за тајни.
Подоцна овие работи ги употребуваат против вас во најнеочекуваните моменти. Ваквите луѓе сакаат да имаат некој вид на „предност“ и да ве манипулираат на овој начин.
Но, секој има право на лична интима и на сопствени мисли. И никој не може да ве принуди да ги откриете „во името на љубовта“.
„Никој нема да те сака како јас“
Уште едно црвено знаменце во врската. Љубовта се познава по дела, не по зборови. Особено не по вакви посесивни, манипулативни зборови кои имаат цел да ве заробат како птица во кафез.
Секогаш се извинува и бара втора шанса
Таа втора шанса најчесто станува трета, четврта, десетта… манипулативниот партнер е полн со извинувања. Практично секоја втора реченица го содржи зборот „извини“, успевајќи да ве залаже дека се кае за неговото однесување.
„Веќе нема да го правам ова… следниот пат нема да биде вака“. Ќе продолжи да го прави тоа и секогаш ќе биде така.
Опсесивно ве следи на социјалните мрежи
Пријател ви е на Фејсбук. На Инстаграм. Специјално си отвори Твитер само да ве следи и таму.
Партнерот постојано ве испрашува кои ви се тие виртуелни пријатели, што си пишувате толку многу, кој е тој или таа што ви искоментирале на последната фотка… подоцна станува љубоморен, вашата активност на интернет започнува да му пречи и започнува да поставува ултиматуми - овој избриши го, оној блокирај го... ваквото однесување никогаш не води кон ништо добро.
„Ова го правам и кажувам за твое добро“
Романтичен партнер кој се грижи за вашето добро звучи одлично, нели? Но, не кога тој сака да ве смени и да направи целосно нова личност од вас. Да ве скрои онака како што тој си замислил.
Кога партнерот ќе започне премногу да ве советува за „ваше добро“, да ви сугерира со цел да ги смените вашите мислења и избори, јасно е дека тој сака да господари со вас. А ваквото однесување не е љубов, станува збор за класична манипулација која полека го цеди животот од вас.
(О)Милена | Црнобело