Како да го држите партнерот настрана од семејните проблеми?
Кога сте во врска, сосема нормално е да споделувате многу аспекти од животот со партнерот – цели, пријателства, па дури и планови за заедничка иднина. Но, постојат некои работи кои е подобро да ги држите понастрана од вашата врска, а овде спаѓаат и семејните проблеми.
Кога вашиот партнер ќе се вклучи во овие конфликти, тоа не само што ќе влијае на вашата врска со саканите, туку и на вашиот однос со партнерот. Поради ова, од голема важност е да го држите партнерот настрана од семејните проблеми и да поставите здрави граници.
Во продолжение погледнете неколку совети од експерти што ќе ви помогнат да го постигнете ова:
Поставете основни правила за комуникација
Доколку вашиот партнер почне да комуницира приватно со некој од членовите од семејството вклучени во конфликтот, за брзо ќе се најде во незгодна положба. Поради ова, најдобро е да го замолите партнерот да не комуницира со овие личности, но и да ви каже доколку ги контактира директно.
Најдобро е партнерот да остане неутрален, но и да ве поддржува. Доколку вашето токсично семејство се обидува да го стави вашиот партнер во средина, тој не треба да го дозволи ова и треба да ви овозможи самите да се справите со семејните проблеми.
Поставете граници
Исто важно е да се осигурате дека ниту членовите од вашето семејство нема да се обидуваат да го контактираат вашиот партнер. Поставувањето на овие граници е со цел да го заштитите партнерот од манипулација.
Доколку семејството не сака да ги почитува вашите граници, можеби треба да го прекинете контактот. Доколку тие не го почитуваат вашиот партнер, тогаш не ве почитуваат ни вам, а ова е лош знак.
Можете учтиво да ги замолите членовите од семејството да не се обидуваат да комуницираат со партнерот, а истовремено замолете го партнерот да ви каже кога тие ќе ја преминат границата.
Сфатете ја вредноста на слушањето
Кога некоја сакана личност ви се доверува со проблем, најчесто првиот инстинкт ви е да најдете решение. Поради ова, не треба да ве чуди доколку на вашиот партнер му е тешко да се држи понастрана од вашите семејни проблеми.
Кога тој ќе сфати дека ви е тешко или дека сте под негативно влијание, ќе биде во вистинско искушение да направи нешто во врска со тоа. Поради ова, дајте му до знаење дека најдобриот начин да ви помогне е само да ве ислуша.
Кажете му дека неговото слушање е единствената и најдобрата поддршка што можете да ја добиете од него. Кажете му дека поддршката ви е важна, но дека сакате да се справите со семејните проблеми на ваш начин.
Исто добро е да имате и друга личност со којашто ќе можете да разговарате за семејните проблеми. Доколку на партнерот му е тешко ве ислуша, секогаш ќе можете да се свртите кај најдобриот пријател.
Побарајте помош од терапевт
Иако можеби вашиот партнер е одлична поддршка, понекогаш нема да знае што треба да ви каже или да направи за да ви помогне. Поради ова, добро е да поразговарате и со терапевт кој ќе ви помогне да се справите со емоциите, но и ќе ви понуди некакво решение и заштита.
Разговорот со терапевт е одличен, особено ако семејните проблеми се големи и траат долго. Исто така, на овој начин ќе го намалите притисокот врз вашиот партнер. Штом ќе се почувствувате подготвени, можете да го поканите и партнерот на разговор со терапевт и да најдете начин како заедно да го надминете тешкиот период.
Иако можеби е добро да имате партнер кој ќе ве подржува, експертите се сложуваат дека понекогаш е премногу ризично да го вклучувате во семејните проблеми. Истовремено, неговото заштитување од семејната драма ќе има позитивно влијание врз вашата врска.
Не заборавајте дека без разлика колку сте блиски со вашиот партнер, тој не секогаш знае што ви е потребно. Вашата задача е да му кажете. На овој начин ќе ги избегнете недоразбирањата кои можат да предизвикаат проблеми.
Исто така, не заборавајте да му се заблагодарите за неговото разбирање. Штом ќе сфати дека навистина ви потребно само да ве ислуша, нема да сака да се вклучува во вашите семејни проблеми.
Спирова С. | Црнобело