7 знаци дека љубовта на вашиот партнер не е здрава
Љубовта кај секого е различна и многу зависи од индивидуалното сфаќање на личностите инволвирани во нејзе. Но, има разлика кога таа е здрава и кога не е.
Среќната љубов ги прави среќни партнерите, но доколку барем еден од нив ја „негува“ на нездрав начин, тогаш веќе се забележува разликата.
Доколку немате независност надвор од врската и своите страсти ги ставате во втор план, размислете што сè друго жртвувате поради таа врска.
Некои нешта лесно се надминуваат, но ова се знаци по кои ќе препознаете дали сте во „нездрава“ ситуација:
Не знае да направи ништо без вас
За сè му треба вашата помош, друштво или поддршка, што на моменти помислувате дали вашиот партнер би се снашол кога би ве немало барем еден ден. Ова е нормално кога се работи за големи промени и одлуки, но во сите останати ситуации, навистина може и без вас.
Исто така, во многу ситуации сакаат да бидат секаде со вас, дури и таму каде не им е местото. Доколку укажете на тоа, добивате агресивно однесување, па дури и ултиматуми и емоционално насилство.
Правите многу компромиси поради неговите потреби
Можете ли да се сетите на последниот пат кога вашиот партнер направил компромис или жртва за вас да ви биде по желба?
Ако се чувствувате како да треба постојано да го забавувате за да му биде интересно, да задоволувате потреби, да правите секакви компромиси, дури и по цена вас да ви е лошо.
Сака да биде вашето сè
Сака да ви биде пријател, љубовник, партнер за во слободните активности, односно сака да биде вклучен во секоја ваша активност, дури и по цена да останете без ниту еден пријател.
Исто така, често се шегува дека ве сака само за себе, а повеќе од еднаш се случило да ви постави ултиматум да бирате меѓу него или нешто друго што ви значи. Во тоа се крие несигурност и желба да има контрола врз целиот ваш живот, а тоа сигурно не е како љубовта (треба да) изгледа.
Ја објавува вашата врска по сите социјални мрежи
Можеби веќе сфативте, но ако сè уште не, тогаш треба да знаете дека вашиот партнер бележи „територија“ околу вас дури и во виртуелниот свет. Тој сака сите да знаат дека јадете пица, дека гледате филм или дека планирате заеднички одмор.
Ова се должи на потребата да ја направи врската што повидлива за оние кои ги смета за потенцијална конкуренција, но и за оние на кои сака да им докажува дека има прекрасен живот.
Не сака да ги запознае вашите пријатели
Ова е екстремно нездраво за еден однос меѓу двајца партнери. Пријателите се клучни луѓе во вашиот живот и вашиот партнер треба да покаже најосновна почит кон нив.
Доколку не е личност која сака да се социјализира, не треба да чувствува обврска да го прави тоа со луѓе кои не ги знае, но пристојно е да се запознае со вашите пријатели. Разговарајте на оваа тема и обидете се да ги откриете причините зошто е тоа така. Внимавајте само да не се обидува да ве изолира од сите што ви значат, за да бидете зависни само од него.
Вашето семејство и пријателите не го сакаат
Во време кога вие сте по малку заслепени од својата заљубеност, тука се вашите пријатели и семејството да ви ги отворат очите. Верувајте им кога ве предупредуваат, бидејќи тие ги гледаат нештата пообјективно и лесно можат да забележат кога партнерот се однесува несоодветно со вас.
Ве навредува „од љубов“
Искреноста е клучна во една врска, но ако нивната искреност вклучува тешки навреди, тоа воопшто не е во ред. Не е „кул“ да се шегува со теми кои се чувствителни за вас, дури и ако намерата е навистина само шега. Всушност, партнерот не смее никако да ве навредува.
Е. Д. | Црнобело