Не сте физички или емотивно спремни за тоа: Неколку причини зошто не уживате во сексот
Ако не уживате во сексот, како што вашите пријатели уживаат, можеби е време да лоцирате каде се наоѓа физичката или менталната бариера за тоа.
Без разлика дали се соочувате со моментално или континуирано губење на либидото, сосема е нормално да се запрашате зошто не уживате.
А според експертите во оваа област, можни причини се:
Имате секс без предигра
Предиграта е особено важна за да може да дојде до т.н. палење на страстите. Можеби не сте свесни, но токму тоа е многу важен чекор, за да можете понатаму да уживате во сексуалниот чин.
Запомнете дека сексот не е само чинот на спојување на половите органи, туку сплет од привлечност, предигра, емоции и допири. Сето тоа влијае да се чувствувате убаво за време на акцијата.
Имате ментална или емоционална бариера
Можеби ова ви се случува затоа што сте со првиот партнер и не сте доволно искусни, но ова не е единствената причина. На пример, многу може да влијае што ви се случува овој период, па поради тоа да сте позатворени и желбата за секс да ви е на најниско ниво.
Несигурни сте со своето тело
Иако со вас имате партнер кој сака да имате секс, кај вас преовладува несигурноста поради недостатоците. Ова е многу често кај лицата кои генерално имаат погрешна ментална слика за својот физички изглед или во минатото се бореле со физичка карактеристика која ги правела несигурни.
Се сеќавате на претходните искуства
Секој има најразлични приказни од минатото, кои може да бидат причина зошто денес не уживаат во сексот. Може да се работи за лоши спомени, за емоционална, па дури и физичка тортура или едноставно, да ви недостига поранешниот партнер.
Се срамите од своите фетиши
Спалната соба (или која и да изберете да ја користите) е место каде треба да бидете свои, да ги ослободите сите желби, па дури и фетишите и да не се срамите од нив. Секој обид да ги потиснете е само напад врз тоа што сте вие навистина.
Сексот ви бил презентиран само во негативна конотација
Во конзервативните средини недостатокот на сексуално образование е повеќе од очигледен. Често родителите со цел да ги заштитат своите деца ги учат дека сексот и општо, сексуалноста, се нешто лошо и од кое треба да се срамат.
Земате лекови кои влијаат врз либидото
Одредени лекови, вклучувајќи контрацептиви, антидепресиви, па дури и антихистаминици, може да предизвикаат намалување на желбата.
Секогаш кога земате терапија, без да се срамите, прашајте го лекарот кој ви ја препишува дали има некакво влијание врз сексуалната активност.
Имате болест која го спречува уживањето
Болката за време на сексот може да биде или моментална или последица на некоја посериозна состојба. Автоимуните болести, чувствителноста на кожата, ендометриозата, синдромот на полицистични јајници се само дел од состојбите во кои жените може да почувствуваат непријатност за време на сексот.
Не сте сигурни што ви се допаѓа
Ако сте во фаза на експериментирање или пак, ви е монотоно поради само една до две пози, тогаш е време да преиспитате што всушност сакате. А ако имате постојан партнер, тогаш веројатно нема да ви биде тешко да експериментирате и да пробувате нови нешта.
Неодамна сте се породиле
Ако низ вашиот вагинален канал пред кратко време поминало бебе, тогаш е сосема очекувано ниту физички, ниту ментално да не сте спремни за секс. Најверојатно ниту вашите хормони не се подготвени за тоа. Доколку сте се породиле со царски рез, пролонгираните болки и заздравувањето на раната исто така можат да бидат причина за губење на сексуалната желба.
Се плашите од несакана бременост и полови инфекции
Доколку користите соодветна контрацепција и практикувате безбеден секс, тогаш немате потреба да сте толку исплашени од овие можни последици.
Е. Д. | Црнобело