Што се случува во умот на луѓето кои постојано изневеруваат?
Ако некогаш сте биле изневерени, сигурно сте си го поставиле прашањето зошто тоа ви се случило токму вам?
Уште потешко е сознанието дека најверојатно на вашиот партнер не му било првпат да ве изневерува, а и дека истото го правел и во претходните, а ќе го прави и во следните врски.
Прашањето што се поставува е зошто овие луѓе продолжуваат да изневеруваат. Одговорот, пак, е комплициран на многу нивоа.
Постојат повеќе начини да се изневерува, од „наивно“ допишување и флертување со друга личност, преку секс, па дури и со вљубување. Најопшта дефиниција на неверството би било постојано барање на задоволство со некој кој не е вашиот партнер. Исто така, треба да се знае дека неверството е различно од отворените врски и полиаморијата, кога и другиот партнер е свесен за изборот на првиот.
Оние кои изневеруваат истовремено не им веруваат на своите партнери, мислејќи дека секој ја следи нивната „шема“ на постапки. На некој начин, верувајќи дека и другиот изневерува, тие си се правдаат пред себе за своето неверство.
Причините може да бидат најразлични, почнувајќи од нарушувања на личноста, посттрауматски стрес, трауми од детството или чувство на помала вредност. Со тоа што изневеруваат, овие луѓе сметаат дека докажуваат некаква поента или дека ја закрепнуваат својата „оштетеност“.
Во други случаи може да се работи за нарциси и социопати или пак, зависност од секс кој не можат да го добијат од постојаниот партнер во количини кои им се потребни.
Секако, ниту една од наведените причини не може да помогне изневерениот да биде помалку повреден, но најдобро е тоа лошо искуство да не влијае врз тоа како ќе се однесуваат со својот иден партнер.
Е. Д. | Црнобело